Македонија
Мицкоски: Европскиот извештај како најголема слабост повторно ги посочува правосудството и реформата на администрацијата
Премиерот Христијан Мицкоски го доби извештајот на Европската Комисија кој се однесува на напредокот во изминатата година.
Со извештајот, како што рече Мицкоски, опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година.
Мицкоски изјави дека и без извештајот, свесен е оти граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и борба против корупцијата.
„Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди“, изјави Мицкоски, додавајќи дека го охрабрува тоа што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не било случај во минатиот извештај.
Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.
„Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница“, рече Мицкоски.
Премиерот е дециден дека нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да се подобри животот на граѓаните и да се зајакне македонското досие на патот кон членството во ЕУ.
Мицкоски напомена и дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

