Македонија
Мицкоски: Задоволни сме од тоа што се постигна со „Сејф Сити“, на ниво на државата повнимателно се вози и жртвите на годишно ниво се намалени
„Декември е месец кога може да се сумираат резултатите и да се направи една анализа за тоа што значеше имплементацијата на проектот „Сејф Сити“. Ако се спореди декември месец 2025, со декември 2024 година ќе дојдеме до еден многу значаен параметар, кој нас не прави задоволни и среќни со почетокот на функционирање на „Безбедниот град“, бидејќи во Скопје во декември месец 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле 5 лица, а оваа година ниту едно. Примената на оваа апликација си го дава резултатот“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за тоа дали е задоволен од аплицирањето на системот „Сејф Сити“.
Мицкоски дополни дека и вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни несреќи во 2024 година бил 142 лица, а изминатата година е 131 лице. Тоа според него значи и во градовите каде што нема инсталирано систем „Сејф Сити“ и на автопатите, се вози повнимателно.
„Ние продолжуваме и понатаму да го подготвуваме системот. Не очекувам дека од 1 февруари брилијантно секаде ќе функционира и не се можни некаде некакви грешки и отстапувања, но тоа во процесот како ќе расте така и ние ќе растеме со него, ќе го нивелираме. Но бројките за намалување за 11 жртви помалку во 2025 и во Скопје во декември 0 наспроти пет во декември 2024, ни дава за право да бидеме задоволни“, рече Мицкоски и дополни дека Владата ќе опстои на ова и покрај антикампањата и критиките кои беа упатувани на нејзина сметка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами да го изградиме проектот Чебрен и Галиште
Државата е блиску до одлука самостојно да го гради проектот Чебрен и Галиште како државен, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се финансира проектот за хидроцентралата Чебрен и од каде би се обезбедиле околу 1,5 милијарди евра, колку што, според проценките, би чинела неговата реализација.
„Па јас вчера, во текот на брифингот, реков дека една од иницијативите која што ја имаме е сами, како држава, да го градиме, би рекол, целиот тој комплекс на централи на река Црна, над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека овој е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот. До сега имаше многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи доколку, како што рече, успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен-темелник на овој историски проект.
„Има многу причини за кои верувам јас, и јас и колегите во Владата, и во компанијата АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, вака народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами овој проект. Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот, ќе им требаат два резервоари за питка вода. Токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари. Така што, производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби е терцијален или четврт по ред, имајќи предвид дека под постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу шеесетина илјади хектари земјоделско земјиште“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ова е амбициозна најава, но не е невозможна и рече дека се многу блиску до конечна одлука самата држава да го гради овој проект.
Македонија
Со Клинички центар во близина на обиколницата, може да привлекуваме пациенти и од соседните држави, рече Мицкоски и најави почеток на активностите в година
Премиерот Христијан Мицскоки се осврна на плановите на Владата за изградба на нов клинички центар, коментирајќи дека може да се привлечат пациенти и од соседните држави.
„Сега сме фокусирани на завршување на процедурата на Клиничката болница Штип, студентскиот дом и Факултетот за медицински науки, Здравствениот дом во Кичево со проширена дејност и Клиничката болница во Тетово. Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои се необрзувачки и индикативни, кои за нас се поволни и прифатливи. Овие проекти треба да ги завршиме, а логично е дека во меѓувреме размислуваме и за големиот клинички центар, кој би требало да се изгради во Скопје. Разгледуваме една локација пред базенот „Борис Трајковски“. Таа локација е на два булевари, пристап до гас, блиску до обиколницата. Тоа значи дека не само за главниот град и Македонија како држава, туку може и од соседните држави да привлекуваме пациенти кои ќе ги користат услугите на овој, како што е нашиот план, ултра модерен клинички центар“, рече премиерот Мицкоски.
Тој потенцираше дека таа парцела е приватна сопственост и се преговара со сопственикот за замена за земјиштето.
„Планот е под булеварот „Илинденска“ да се направи топол подземен премин, кој што ќе се поврзе со постоечката „8 Септември“. Тука се наоѓа и ПЕТ центарот кој, исто така, во моментов го развиваме и сето тоа е поврзано со поликлиниката „Букурешт“. Тоа значи дека овој проект ќе опфати целосен заокружен комплекс. Знаете дека имавме една голема инвестиција во болницата „8 Септември“, бевте присутни, видовте навистина најсовремена опрема која е единствена на Балканот. Тоа е нашата амбиција и откако ќе ја завршиме процедурата со овие претходни проекти, тоа ќе биде главниот фокус на нашите приоритети. Овој долго најавуван проект да го направиме каде што треба да биде и каде што ќе можат граѓаните да го користат“, истакна Мицкоски и дополни дека ако сè е според плановите, следната година би можеле да започнат првичните активности.
Македонија
Почна доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром
Во населбата Хром, Општина Ѓорче Петров, денеска беше поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во присуство на премиерот, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претставници на локалната самоуправа, наставниот кадар, ученици и родители.
Со реализацијата на овој проект, училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 метри квадратни нов училишен простор, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата и ќе се создадат можности за организирање на едносменска настава, велат од Општината.
„Ова е трето училиште во Општина Ѓорче Петров кое добива доградба во период од само еден месец, што претставува силен показател за посветеноста на општината кон унапредување на образованието и создавање современи услови за учениците и наставниците“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
