Македонија
Мицкоски: Заев ништо не разбрал, народот е веќе обединет, но против него

Зоран Заев ништо не разбрал. Зоран Заев само ја повторува истата прес-конференција од лани кога исто така лажеше дека ја разбрал пораката, а продолжи да се однесува арогантно и криминално. Jа повтори и прес-конференцијата од годината претходно кога истото го велеше и повторно разочара. Зоран Заев доби и метла со која ништо не измете, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на „Фејсбук“.
„И ќе потсетам дека на овие избори арогантно ни велеа дека се најдобри, a прашањето е: кога лажеа, кога го тврдеа тоа цела кампања или сега кога третпат викаат дека ја разбрале пораката?
Вистината е дека Заев не кажа ништо ново, освен тоа што повторно зборуваше за минатото, за некаков режим, за истите флоскули во кои никој не му верува. Сака да заборавите дека 5 години е на власт и се обидува повторно да го потцени народот.
Кога зборува Заев за режим, нека си погледне во сопствениот дом, во Куманово, притисоците за гласање во Прилеп, Велес, Сарај, Битола, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост.
Заев, ќе ти кажам дека народот, ние самите сме господари над сопствените судбини и дека никој ја нема нашата волја во џебот за да си поигрува со неа.
Народот е веќе обединет, но против тебе и сѐ она што ти преставуваш во политиката. Надежта е родена и таа ќе победи!
П.С. Бидејќи гледам дека Заев има некои дилеми, да одговорам: Скопје ќе работи многу подобро без централната власт на Заев затоа што ќе биде ослободено од притисоци за тендери и кражби на парите од граѓаните, кои, по смената, ќе завршуваат за проекти и ќе бидат одлично менаџирани од Град Скопје и новите градоначалници. А по смената на централната власт заедно со локалната, државата заеднички ќе ја внесеме во ЕУ, каде што и припаѓаме. На чекор од заедничката и нова иднина!“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски вели дека се работи за голема елементарна непогода и дека ништо не можело да спречи такво невреме, проследено со интензивни обилни врнежи.
„Ова е елементарна непогода. Екипите се на терен – територијалната противпожарна единица, јавното комунално претпријатие, „Македонија пат“, овде е и полицијата која го регулира сообраќајот да можеме побрзо да го ставиме градот во функција и да им помогнеме на луѓето каде што треба..ги контактиравме околните општини, пумпи за испумпување се на пат, имаме организирано, знаеме каде да ги упатиме овие пумпи“ рече Трајковски и додаде дека мора брзо да интервенираат затоа што има поплавени неколку улици и домови.
Тој апелираше до граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават на 193 во противпожарната единица, за да пријават штета.
Рече дека имаат помош од околните општини Берово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и дека е во постојана комуникација со нив.
Ги предупреди граѓаните до утре да се воздржат од пиење вода од чешма. Исто така апелираше, луѓето да не излегуваат по улиците со нивните возила, за да не прават гужва во сообраќајот.
Македонија
(Видео) Страотни сцени од Делчево под вода; Жителите: Да не се повтори

Делчево е под вода. Од фотографиите и видеата што се шират на социјалните медиуми може да се види што направило страшното невреме.
Реки течат по улиците на градот. Уништена е и дел од улицата „Вера Јоциќ“. Поплавени автомобили.
Возилата на дел од улиците во Делчево не може да движат и таму сообраќајот е во застој.
Врнежите од град кои биле со големина на лешник предизвикале штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.
Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети.
Македонија
(Видео) ЦУК: Големо невреме во Делчево – врнежи од дожд и град, поплавени десетина објекти

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.
Според информациите од ЦУК, во невремето има поплавени објекти. Во моментот на информирањето, екипите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Делчево во секој момент очекуваат да престане дождот за да излезат на терен и да интервенираат.
„Моментално интервенираат ТППЕ Делчево со 2 ПП возила и 5 пожарникари, додека Јавно комунално претпријатие во секој момент се очекуваа да излезат на терен и да интервенираат.
До со сега во Делчево се поплавени 10 објекти, но бројот на поплавени објекти, според информациите од терен, се очекуваа да расте“ велат од ЦУК.
Некои од граѓаните споделуваат видеа од невремето.