Македонија
Мицкоски за „Еуроњуз“: Нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, жал ми е што корумпирани политичари за да останат на власт прифаќаа се и сешто

Премиерот, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно со Миња Милетиќ“ на „Еуроњуз Србија“ истакна дека нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, и изрази жалење што корумпирани политичари претходно за да останат на власт прифаќаа се и сешто.
„Ако ние го прошириме ние нашиот Устав со повеќе делови од народи, бидејќи таму се наоѓаат и албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот и така натаму, тогаш се поставува прашањето што со Македонците од другата страна на границата кои живеат во западна Бугарија? Ако вие од една страна барате да бидете конститутивен народ поради некаков предлог којшто корумпирани политичари во минатото го прифатиле мислејќи дека на тој начин ќе останат во владата, дека ќе им се простат сите криминални скандали кои ги правеле, а од друга страна имате 14 пресуди на Судот за човекови права кој вели дека таму постои македонска заедница која има свои права да организира во клубови во организации и вие не ја почитувате Резолуцијата која што сте ја потпишале за заштита на човековите права, таква Резолуција има потпишано Бугарија, тогаш се поставува прашањето кој е аргументот контра“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека лицемерие и двојни стандарди е да се излезе и да се рече дека мора тоа да се направи бидејќи тие се таму каде што сакаме ние да бидеме, а тие да не мора тоа да го направат.
„Ако се прашање човековите права тогаш сакам да ги информирам и вашите гледачи дека единствена институција во Европа којашто оценува дали нечии човекови права се нарушени или ограничени е Судот за човекови права во Стразбур и таму има 14 пресуди коишто се однесуваат на нарушување или ограничување на човековите права на Македонците во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Сега ако имате вакви аргументи како можете да излезете пред граѓаните и да дадете логични аргументи имајќи претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел ви велел „уште само ова и тоа е тоа“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ветил дека ќе се бори и аргументите кои ги имаме ќе се обиде да ги пренесе секаде во светот.
„Да се научиме да победуваме и во Вашингтон и во Лондон, Брисел, Берлин Рим, Париз и насекаде во светот, не само дома. Само на тој начин може да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи. Ова се историски процеси“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани ќе се гради споменик во помен на загинатите во „Пулс“

Собеанието со амандман обезбеди 2 милиони денари (околу 32.000 евра) како првични средства за идејно решение и отпочнување на активности за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс”. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Ова барање, како што истакнува пратеникот, е координирано со родителите на настраданите и произлегува заедничката желба, макар само дел од болката да се преточи во достоинствено сеќавање, а трагедијата да не се заборави.
Споменикот според планот ќе биде поставен во централното градско подрачје, и ќе биде тивок сведок на болката, но и силна порака за солидарност, сеќавање и обврска да не дозволиме ваква трагедија никогаш повеќе, вели Лефков.
Упати благодарност до Владата што го прифатила амандманот, и до колегите пратеници што ја дале својата поддршка.
Македонија
„Не смее да ни се случи Пулс 2“ – градоначалникот на Кочани поднесе кривични пријави за угостители

Градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба.
Toj рече дека три месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште има угостителски објекти кои работат надвор од законските прописи и стандарди.
„Не смееме да замижиме по несреќата во „Пулс“. Ова е најтешкиот период за Кочани и јас нема да дозволам да ни се случи „Пулс 2“, изјави Крстевски.
Градоначалникот јавно го праша Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), како е возможно да се толерира работа во дивоградби, дали има контроли и што тие значат. До Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати прашање како е возможно да се добие ХАСАП дозвола за угостителски објект кој служи храна, ако кујната е дивоградба или постојат броила во непосредна близина на фритезата, на што од АХВ реагираа дека тие се надлежен орган за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. По однос на прашања кои се однесуваат на заштита и здравје при работа, АХВ нема надлежност за постапување, како што нема надлежност ниту во делот на издавање елаборати за ХАСАП ниту е надлежна за приклучување на електричната мрежа.
Македонија
Грмотевици и дожд попладнево во Скопје, се апелира да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја

Невреме проследено со пороен дожд со грмежи го зафати попладнево Скопје.
УХМР претходно најави дека од денес до петок во попладневните и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со изолирана појава на град.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.