Македонија
Мицкоски: Илјадници луѓе се заведени во Избирачкиот список со два матични броја

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите обелодени нов скандал со назив „Мафија 2“, кој се однесува на злоупотреба на институциите, при што едно лице е заведено со два матични броја.
Според неговата информација добиена од свиркачи, во Македонија има најмалку 20.000 лица што имаат по два ЕМБГ.
Тој го повика министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и надлежните институции да одговорат како и кога се издадени овие двојни матични броеви, кои, според него, се користеле за разни злоупотреби, пред сѐ, за гласање на избори затоа што овие лица ги има во Избирачкиот список.
„Покрај аферата ‘Мафија’, каде што структури на власта издавале документи за идентификација на криминални структури, на познати балкански босови, во оваа афера може да се види дека едни исти лица имаат два матични броја. Како што може да се забележи, едно исто лице со двоен матичен број го има по два пати во Избирачкиот список. Според проверките во Избирачкиот список, истото лице е регистрирано на своето вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина, при што првичните броеви се исти, а последните три се разликуваат. Конкретно, при проверката на терен за лицето Џадин Адемовски, кој на една адреса се води во Чаир, а на другата во Сарај, кога го побаравме Џадин на првата адреса, таму ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал за кој треба да се сноси одговорност“, рече Мицкоски.
Тој јавно праша како може да постои вакво нешто кога во 2016 година по барање на тогашната опозиција беше прочистен Избирачкиот список, а министер беше Оливер Спасовски.
Дополнително, на новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ, која учестуваше во акцијата за прочистување на Избирчкиот список, не реагирала, тогаш Мицкоски рече: „Или во 2016 година не бил прочистен Избирачкиот список како што треба или што е полошо и остава сомнеж – овие матични броеви се впишувани во последните 4-5 години поради криминални дејства во кои власта директно учествувала. Трето објаснување нема. Затоа, наместо Спасовски да се занимава од каде ми се овие информации, нека се заземе да го истражи случајот и да излезе со конкретни одговори. И да не се правда пред јавноста дека оваа било проблем од 1986 година затоа што Списокот се прочистуваше, а тој цело време е министер, тогаш се наметнува прашањето колку вакви избирачки списоци потпишал? Освен тоа, симптоматично е и како 100.000 обрасци му недостигаат на директорот на Упрвата за водење на матичните книги. Остава отворен сомнеж дека оваа операција се случувала во последните 4 години, при што само последните три бројки се менувани, а некој, најверојатно, тоа го правел намерно и со конкретна цел“, објасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека издавањето дипликат матични броеви е поврзано со скандалот „Мафија“, со цел да им се помогне на криминални босови, како Седат Пекер, и водачот на Шкаљарскиот клан, Јовица Вукотиќ, кои поседувале фалсификувани патни исправи издадени во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИНТЕГРА: Случајот со претепаниот Пендиков е само вовед во провокациите кои ќе следат

„Случајот со претепаниот Христијан Пендиков е само вовед во провокациите кои ќе следат, како што се доближува 04 февруари и прославата за нашиот апостол на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги алармира безбедносните служби да преземат законски мерки во сите правци, особено во делот на инфилтрација на моќна странска служба која работи на спречување на евротланската траекторија на Македонија, преку држење во состојба на порозност на јужното крило на НАТО и попречување на ЕУ членството на Македонија“ се вели во партиското соопштение на ИНТЕГРА.
Оттаму велат „за едно од можните радикални сценарија, постои сериозно сомневање дека е во корелација со скорешните закани од поставени бомби во училиштата. Сомневањата водат до препоставена проценка за висока безбедносна закана во таа насока, особено на релација албански екстремизам – македонски радикален национализам, обата поттикнати од истиот центар на политичка моќ“.
„На ова сценарио, подолго време предупредува Љупчо Ристовски, а времето и приликите се идеални за сурова радикализација на истото. Следете го мотивот и бенефитот од исходот при една таква разврска и ќе дојдете до целите и извршителите на такво радикализирано сценарио. Патем, да си прашаме јавно, дали ВМРО-ДПМНЕ се оградија од сценаријата на радикализирање на внатрешните односи, со последици по ЕУ перспективите на Македонија, преку случајот на деликвентот Пендиков, кој патем е нивен истакнат член?“ се вели во соопштението.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Затворите се решето во кое што останува само оној што нема конекции со СДС

„Затворите се решето во кое што останува само оној што нема конекции со СДС. Одговорни за тоа се затворските управи и служби поставени од СДС во чија што хиерархија доминираат луѓе од таканареченото обезбедување на партиските собири на СДС. Во само еден месец најмалку три бегања се случија на територија на Скопје. Се посочува на врски меѓу избеганите и СДС, а молкот и немањето санкции упатува на сомнеж за намерни системски пропусти“ рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРП-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „Македонија е во еден многу тежок период во којшто СДС ја втурна и период во којшто и од најмал инцидент единствен бенефит ќе има токму СДС на сметка на длабоки сериозни последици за државата. Оттука, од јавен интерес е СДС и владата да одговорат дали станува збор за смислено сценарио во коешто побегнатите се пуштени да предизвикаат инциденти во државата?“
„Дали бегствата на човек, член на СДС, со фотоалбум со половина Влада, претседател на држава и цело раководство на СДС, како и на поранешен полицаец- насилник и наркодилер, двајцата од затворот во Шутка, што мина без никаква јавна одговорност или санкција, не се намерни пропусти, за теснопартиски интереси на СДС, дали не се побегнати за да можеби предизвикаат, исценираат или организираат инцидент на 4 февруари? Дали бегството без последици за затворската служба и администрација, без одговорност со можност за организирање на инцидент, значи награда и за избеганите и за затворските службеници?“ праша Стоилковски.
Македонија
Реакција од затворот „Скопје“: Филип Андов раководи со институција затвор, а не со логор

„Казнено-поправната установа „Скопје“ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегства на затвореници“ соопштуваат од затвор „Скопје“.
„Најпрво укажуваме дека директорот Филип Андов, раководи со институција – затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права кои им следуваат на затворениците мора и им се овозможени, согласно законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот (Собранието) односно Министерството за правда. Оттука, директорот и Управата единствено можат да ги почитуваат и постапуваат по тие одредби и правила. Затворот „Скопје“ е институција од која треба и извира ресоцијализација на затворениците. Тоа подразбира, почитување на нивните права кои им следуваат, а за сметка на тоа – тие да го подобрат/променат нивното однесување. Од друга страна, затворот е од полу-отворен односно отворен тип. Тоа значи – ниту еден затвореник не е ставен во четири ѕида, туку може слободно да се движи и да обавува работни обврски. Сите осуденици кои судот ги упатил на издржување затворска казна во затворот „Скопје“ не се како што велат одредени политички партии „тешки криминалци“ туку затвореници кои се осудени до три години затвор“ се вели во соопштението од затворот.
Оттаму велат дека „во конкретниот случај со затвореникот А.А. кој се оддалечил од затворот, важно е да потенцираме дека тој не прескокнувал ѕидови, кршел врати или дека некој го пуштил да излезе. Станува збор за осуденик кој претходно користел слободни викенди и се враќал, лице кое имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој обавувал работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето – по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага“.
„Од страна на затворот е постапено согласно законските рамки. Откако не се појавил во затворот, известена е полицијата која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот, бидејќи Правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат ускратени привилегии/права. КПУ Затвор Скопје е установа од полуотворен вид каде затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат бројни погодности како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи како што се Агенција за вработување, Центар за социјални работи“ се вели во соопштението.
Од затвор „Скопје“ „ги замолуваме во иднина политичките партии да се воздржат од вакви квалификации од причина што се создава искривена перцепција во јавноста, а сето тоа е на штета на самите осудени лица, на установата, како и целиот систем“.