Македонија
Мицкоски и Орбан повикаа на постигнување траен мир во Украина: „Европа преку партнерството со САД да заземе поинтензивна улога во процесот“

Заедно да поттикнеме и да поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процесот на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е и во полза на украинските пријатели и на самата Европа. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
За војната во Украина зборуваше и Орбан, кој рече дека Унгарија останува на ставот дека војната треба да прекине.
„Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротиставуваме на оние држави од Европската уинија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и е грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел“, рече Орбан.
Двајцата зборуваа и за европските интеграции на Македонија, пришто премиерот Мицкоски истакна и дека стратешка цел на државата останува членство во Европската Унија и за тоа не треба да постои дилема, а истовремено изрази надеж дека Унгарија ќе помогне да се откочи процесот.
„Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел. Но, исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која беше пред 20 години, е навистина бесценета, односно цената е толку голема, што не може да се утврди, бидејќи пред се зборуваме за процесот на билатерализација на преговори, а не за европеизација на преговорите“, рече Мицкоски.
На слична линија е и Орбан, кој децидно порача дека овој процес трае премногу долго.
„Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Северна Македонија. ЕУ мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето“, рече Орбан.
Според унгарскиот премиер не е фер и тоа што некои европски лидери ја фаворизираат Украина пред Северна Македонија за придвижување на патот кон Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.