Македонија
Мицкоски: Кога Заев најавува “game change”, народот во недела ќе му испорача “game over”

Новата иднина значи и промена на реалноста во која живееме. Реалноста и голиот живот кој покажува дека имаме власт која е корумпирана, криминална. Власт која се пазари со нашите најсвети чувства, власт со која цели 5 години се вртиме во истиот круг. Ја нема ниту Европската Унија која толку многу ја ветуваа, нема ниту живот каков што убедуваа дека ќе донесат. Но затоа има борба за тендери, понижувања, притисоци и порази, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во општина Вевчани.
Мицкоски ја искоментира оставка на Ѓорѓиев, посочувајќи дека владата на СДСМ и Заев му правела притисоци да попушти за нешто во што не верува како историчар, односно како што рече тој под налетот на желбата на Заев да направи уште една трговија на штета на Македонија, а во корист за Бугарија.
„ Замислите член на историската комисија си поднесе оставка затоа што неговата, нашата македонска влада вели дека му правела притисоци да попушти за нешто во што не верува како историчар, под налетот на желбата на Заев да направи уште една трговија на наша штета, а на корист за Бугарија. Па има ли поголем блам од ова за Владата. Заев работи како да не е на чело на македонска влада. Кој знае какви нови ветувања им продава сега на Бугарите, додека молчи за оставката на историчарот Ѓорѓиев, додаде Мицкоски.
Во однос на најавата на Заев дека играта се менува и дека ја сфатиле пораката од народот по поразот од првиот круг на локалните избори, претседателот Мицкоски вели дека Заев тоа го прави само поради избори и е само уште еден начин за да ги излаже граѓаните и да продолжи да се однесува пак по старо, укажувајќи дека е сигурен дека народот на Македонија на 31ви октомври ќе му порача дека играта е завршена, потенцирајќи дека само така ќе се стави крај на лагите, разочарувањата и корупцијата, вели Мицкоски.
„ И драги пријатели, кога Зоран Заев вели дека се менуваат во работата, знајте дека тоа го прави само поради изборите, и тоа им е начинот како да излажат повторно за да продолжат со старото однесување. Кога Заев најавува “game change”, како што тој вчера нарече, тогаш сигурен сум народот на Македонија во недела ќе му испорача “game over”, играта заврши. Game over е потребен затоа што само така ќе им се стави крај на лагите, разочарувањата и корупцијата кои му ги носат на народот цели 5 години. Ќе има “game over“ за Заев затоа што народот го прочита дека волкот влакното го менува карактерот не. И затоа што нема “game change“ кога веднаш до него се Венко Филипче во чиј мандат починаа над 7000 луѓе од корона и 14 живи изгореа, Љупче Николовски Путерот кој е министер за борба против корупција, во најкорумпираната влада во Европа, и арогантниот самобендисан Петре Шилегов чиј личен имот се зголемува од година во година. И навистина е тажно што ова за Заев е само игра, и таа негова игра народот го чинат упропастени судбини и сиромаштија. Затоа што воопшто не е игра кога ќе нема одговорност за ниту една грешка, за ниту еден криминал кој го направи досега, појасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски ја посети езерската полиција во Охрид: ова лето спасени 10 лица

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, односно т.н. езерска полиција при Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, каде што оствари средба со раководството на оваа организациона единица при МВР, а на која беше брифиран за преземените мерки и активности во врска со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ во периодот од почетокот на јули до средината на септември.
„Раководството на Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’ ме информираше за преземените мерки во текот на летната сезона од страна на полициските службеници, при што биле извршени прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, а исто така преземени се и 9 заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба. Воедно, изразив особено задоволство од спасувачките акции, што ги реализира оваа организациска единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три настани биле спасени 10 лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош. Во рамките на овие активности успешно биле пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, секако без екипаж“, истакна министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека планот „Безбедно лето“ носи високи резултати и ја постигнува својата цел – да се подигне свесноста кај граѓаните, да се превенираат ризиците што ги носи летната сезона во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на границата.
Во делот на преземените превентивни мерки реализирани се десетина тематски активности со фокус на високите температури, заштита од сончаница и топлотен удар, самостојно, но и заедно со волонтери од Црвениот крст во Охрид. Притоа остварена е непосредна комуникација со граѓаните што пловат со пловни објекти по езерото, со цел потсетување за тоа како треба да се однесува при топло време и подолга изложеност на сончевите зраци, на кои им беше поделен и едукативен материјал со практични совети на летни теми.
Спасовски потсети на модернизацијата на пловниот парк и зајакнувањето на капацитетите на езерската полиција, која по цели 20 години беше реализирана во 2020 година, со набавка на нови 5 пловни објекти, два од буџетот на МВР, а три како донација од Чешката Република. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водниот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.
„На овој начин постигнавме зголемена ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во езерата така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од разни причини“, истакна тој.
На крајот од средбата министерот Спасовски ѝ додели плакета на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и благодарници на полициските службеници Седат Јашар, Ристо Буклиоски, Веџи Асани, Христијан Грозданоски и Ѓорѓи Целески за преземање навремени мерки и активности при успешно реализираните спасувачки операции во рамките на „Безбедно лето 2023“.
Македонија
МТСП: Преку услугата помош и нега во домот поквалитетен живот за над 50 стари лица во Струга

Услугата помош и нега во домот ги дава посакуваните резултати и им го олеснува и подобрува квалитетот на животот на старите лица. Денеска, во посета на Црвениот крст – Струга, кој ја спроведува услугата помош и нега во домот, беше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која истакна: „Оваа услуга е дел од разновидните услуги, како што се центрите за дневен престој на стари лица, центрите за дневен престој на лица и деца со попреченост, центарот за рехабилитација и реинтеграција, кои се достапни во 41 општина, а се воспоставени преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведуваме со поддршка на Светската банка. Се гордеам што успеавме да постигнеме значајни резултати, но и да обезбедиме одржливост на услугите и некои од нив, како што се помош и нега во Струга, се преземени во системот на централно финансирање, со што е обезбеден континуитет и постојаност на социјалните услуги“.
Услугата е воспоставена преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светската банка, а се спроведува од Црвениот крст – Струга, кој заедно со Општината аплицира на првиот јавен повик на проектот. Услугата им е достапна на повеќе од 50 стари лица над 65 години за кои во комфорот на својот дом се грижат 20 негуватели.
Министерството за труд и социјална политика обезбеди долгорочна одржливост на социјалните услуги, во кои спаѓа и услугата помош и нега во домот во Струга, обезбедувајќи средства за нивно финансирање од државниот буџет. Со ова се создава можност за нивен натамошен развој, а граѓаните, особено оние од најранливите категории, ќе продолжат да добиваат квалитетни услуги и подобар квалитет на живот.
Задоволство од начинот на кој се одвива услугата, како и од соработката со Министерството искажуваат и од Црвениот крст – Струга. Тие при посетата на Тренчевска истакнаа: „Навистина сме благодарни што Министерството ги препозна потребите на граѓаните на општина Струга и што од самиот почеток го поддржа овој проект за кој соработувавме и со Општината и со Министерството. Денеска, се гордееме и сме мотивирани од успехот и од насмевките на корисниците и негувателите со кои секојдневно го потврдуваат задоволството“.
Тренчевска оствари и посета на домот на корисник на услугата помош и нега, кој заедно со својата негувателка ја информираа за придобивките, активностите, како и значењето за нив од оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.
Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светската банка досега е овозможено воведувањето разновидни социјални услуги преку 34 поединечни проекти, што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а тие се достапни за повеќе од 1.200 корисници.
Македонија
Пожар во Долнени, на терен еден противпожарен авион

Центарот за управување со кризи (ЦУК) известува дека рано утрово во атарот на с. Гострижни во општина Долнени избувна пожар, при што гори висока сува трева, нискостеблеста деградирана шума и појас со висока дабова и габерова шума.
На терен се противпожарни екипи од ЈП „Национални шуми“ и ТППЕ Прилеп, а и дел од противпожарните сили, кој е префрлен од претходната интервенција во истата општина – од пожарот кај с. Слепче.
Како воздушна поддршка на силите што дејствуваат од земја е пратен едно летало – противпожарен авион од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – за да помогне за прекин на ширење на пожарот во шумскиот дел.