Македонија
Мицкоски: Местото на оваа мала земја е во Европската унија
Местото на оваа мала земја е во Европската унија, но не по секоја цена, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој го повика Европскиот совет уште на следната седница да испрати заклучок дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, јазик и култура, а источниот сосед да покаже европска зрелост и да ги почитува пресудите од Меѓународниот суд за човекови права.
– Мораме да испратиме јасна политичка порака – ДА за Европската унија, НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од страна на Европскиот совет, којшто ако навистина сака да ја види оваа мала земја како дел од Европа, мора да испрати заклучок уште на следниот Европски совет во којшто јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, со македонскиот јазик кодофициран пред 80 години и со повеќевековната култура и традиција. И да кажат нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања. А, нашиот источен сосед мора да покаже европска зрелост и вистински европски вредности и да го почитува меѓународното право кое вели дека пресудите од Судот за човекови права треба да се спроведат и конечно македонскиот народ во Западна Бугарија да го добие тоа што одамна и припаѓа, а тоа е да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права во бугарската Влада. Тоа се црвените линии, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на патот кон Европската унија во изминатите години, Мицкоски рече дека отстапките се секогаш на грбот на македонскиот народ и дека патот до полноправно членство во Унијата е полн со нечесни удари и откажувања, но дека немаме друга опција.
Пречката што мора да се премости, како што посочи, е Францускиот предлог прифатен од СДСМ, за која, рече, дека сега прави политички маневр со нејзините црвени линии.
– Нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со нашиот источен сосед и т.н. Францускиот предлог што претходната влада сама го прифати. Сега тоа е пречката што мора да се премости. Но, да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од Францускиот предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот што самите го прифатија на маса, нагласи Мицкоски.
Според него, граѓаните со право се загрижени околу клучното прашање дали ова е последната отстапка што треба да се направи.
– И денес, кога работите се неправедни и тешки, има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и сите нејзини поколенија, и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членство во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на малите народи и држави во голема мера зависеше од игрите на поголемите народи и држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта мора да останува иста, порача Мицкоски.
Додаде дека секогаш има план Б и дека нема сила што ќе го натера да донесе погрешна одлука за државата.
– Затоа им пречам на нашите противници, затоа сум предмет на кампања полна со лаги и клевети, затоа што тие живеат на грбот на народот и државата, а ние за татковината и народот. И морам да ви кажам – најважно од сè ми е да бидам чесен и искрен кон народот и да останам со неизвалкан образ, и нема цена што може тоа да го смени или сила што ќе ме натера да донесам погрешна одлука кога во прашање е Македонија. И секогаш има план Б, кој ќе значи заштита на сè она во што веруваме, и знам дека никогаш нема да ве разочарам. Во оваа битка сме заедно и ќе продолжиме да бидеме заедно до остварување на нашата заедничка цел – за Македонија што има иднина и надеж, рече Мицкоски на централната прослава во Прилеп организирана по повод Денот на народното востание – 11 Октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.

