Македонија
Мицкоски му одговори на Филипче: Имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција
Имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме од господинот Филипче, вели премиерот Христијан Мицкоски, по прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека нема да има лидерска со криминалци. Според Мицкоски, пораките од опозицијата се збунувачки, затоа што прво тие барале лидерска средба, а сега ја одбиваат.
„Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин ќе можеме како политички чинители да се обединиме. Тема на лидерската средба не беше само законот за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозицијата, тогаш нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можеме со 61 глас да го смениме законот за влада и да ја избришеме техничката влада Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството, јавното обвинителство и други области преку еден инклузивен процес.
„Но, ете, за жал, имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме на прес – конференцијата на господинот Филипче. Однесувањето на Филипче, очигледно, на ваков тип обраќање на јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ, договор да се служи со навреди“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека, сепак, ќе испратат формални покани за средбата која била планирана за 14 јануари.
„Но, тоа е негов избор. Ние, сепак, формално денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба. Планирано беше на 14 јануари во Клубот на пратениците да се одржи таа лидерска средба. Пораките се збунувачки, тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

