Македонија
Мицкоски најави 70 проекти: Нашата цел не е само политичка победа, почнуваме со нови училишта, болници, мерки за чист воздух, инвестиции
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се обрати на народниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија’’ од пред платото на Филхармонија каде што истакна дека следува период на реализација на 70 нови проекти во различни области како образование, здравство, земјоделие, култура, проекти кои ќе значат нова развојна фаза на Македонија.
„Нашата задача не е едноставна. Не само заради ситуацијата која ја наследивме, туку таа е многу поголема. Нашата цел не е само политичка победа, туку обновување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја. И иако оди потешко од што мислевме, сепак основите ги поставивме. Не можевме веднаш да почнеме со екстремно позитивни резултати, моравме прво да ги направиме темели. Некои мислеа дека тоа ќе оди преку ноќ. Но, темел не се прави од муабет, туку од пот и многу поминати часови на средби, планирања, анализи, патувања, размена на мислења и одлуки.И токму затоа денес можам да кажам: темелот е поставен. Сега по изборите, почнува буквално фаза на жестока работа и големи резултати. Во наредниот период ќе почнеме со повеќе од 70 нови проекти, во инфраструктура, енергетика, здравство, образование, земјоделие, култура, технологија, правда и други области. Ќе има конкретни чекори: нови училишта, модерни болници, мерки за чист воздух, дигитална администрација и инвестиции што ќе треба да донесат достоинствени плати,“ истакна Мицкоски.

Мицкоски најави серија конкретни мерки кои ќе го подобрат животот на луѓето, ќе ја зацврстат економијата и ќе донесат подобро во секој дом.
„Во наредниот период, покрај проектите што ги најавивме, започнуваме со серија на конкретни мерки, кои ќе го подобрат животот на луѓето, ќе ја зацврстат економијата и ќе донесат подобро во секој дом. Овие мерки не се само лист хартија, туку планови што ќе го променат животот на луѓето. Да, животот е скап. Да, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Ќе создадеме услови, за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем кој е трул и ги предизвикува да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту една мајка нема да мора да избере меѓу кариера и семејство. Ниту еден бизнис нема да пропадне затоа што државата му стои на пат. Тоа е вистинската промена. Ова не е фантазија, ова е план. И како што рекол Ајзенхауер: „Планот е ништо, но планирањето е сè.“ Затоа ќе го градиме системот што во иднина ќе функционира без оглед на тоа кој е на власт, долгорочно и со коренити промени, затоа што државата не е ничија приватна фирма, туку наш заеднички дом,“ нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

