Македонија
Мицкоски: На Македонија не и треба претседател како Пендаровски измеќар на Али Ахмети
Македонија повторно горда подразбира Македонија повторно твоја, ваша, Македонија која нема да биде ограбена, која нема да биде засрамена, која ќе биде на народот ,а не на неколкумина политички моќници. Македонија каде народот ќе го има последниот збор. За жал денес во Македонија според Фридом хаус владее еден цикличен хибриден режим, кој го претставуваат двете владејачки партии ДУИ на Али Ахмети и нивните измеќари СДС, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Свети Николе.
СДС Без идеја, без план, без стратегија, а единствено нешто кое како папагали повторуваат шест и половина години додека ја ограбуваат Македонија е ЕУ, ЕУ, а од ЕУ тоа што го знаат е евробанкнотата која ја земаат и ставаат во џеб како резултат на мито и арач од граѓаните преку наместените тендери, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека кога СДС е на власт секогаш има стратешки грешки и удари врз Македонија, народот и идентитетот како што се транзицијата, менување на знамето, новата територијална поделба на Македонија кога се зададе силен удар врз унитарниот карактер на државата, промената на уставното име, бугарскиот диктат, односно т.н. француски предлог.
– Зоран Заев кажа дека заедно со Ковачевски и Стево Пендаровски го правел тој предлог ова и тука се поставува суштинското прашање дали Стево Пендаровски мисли дека бугарскиот фашистички окупатор или бил администратор? Пендаровски исто така должи објаснување дали онаа изјава дадена на интервју дека Гоце Делчев бил Бугарин, дали мисли така? Суштината е дека секогаш кога има влада на СДС, Македонија стратешки губи. Македонија ги губи своите позиции во однос на своите соседи, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека секогаш кога има влада на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија се гради има повеќе за сите, а кога има влада на СДС, Македонија се ограбува, се понижува и се нанесуваат стратешки удари врз македонскиот идентитет, а за возврат скапо не чини и Македонија се празни.
– Затоа многу е важно пораката на обединување, единство и мобилизација да се рашири насекаде и да излеземе масовно на 24 април да се поддржи професорката Гордана Силјановска Давкова и да ја направиме Македонија повторно горда, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски посочи дека многу е важно масовно да излеземе на 24 април и 8 мај и да не дозволиме повеќе ДУИ и Али Ахмети да ни кажуваат дека ќе владејат по принципот „како до сега“.
– Овие од ДУИ кога им ги објавувам криминалите и кога им велам дека ќе одговараат после 8 мај ми велат дека сум бил анти Албанец. Не сум анти Албанец, јас сум анти криминалците, криминалците немаат етничка припадност. 600.000 наши сограѓани живеат со само 150 денари на ден, а околу 80.000 со само 60 денари, најголема инфлација, најнизок стандард. На дното сме на Балканот,а нели живот носеа, а во суштина себе си си донесоа милиони евра ограбувајќи го народот, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на овие избори од една страна го имате Стево Пендаровски кој во еден град рече „ако не ме гласате очи не сакам да ви видам, не ви идам во втор круг“, а од друга страна е Гордана Силјановска Давкова која изминативе 4 години во македонскиот парламент покажа како се брани и аргументира македонскиот идентитет.
– На Македонија не и треба претседател измеќар на Али Ахмети, на Македонија и треба достоен претседател како што професорката Гордана Силјановска Давкова. Ве повикувам да го пренесеме гласот на победата, на промените, на горда и твоја Македонија. Да испишеме историја на 24 април со огромна предност за професорката Гордана Силјановска Давкова, а потоа уште пожестоко да излеземе на 8 мај и да донесеме промени, да избереме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Задоволен сум од првите 100 дена, покажавме дека може да се работи посветено за граѓаните, без скандали и афери
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од првите 100 дена нова Влада од секторот здравство истакна:
„Апсолутно сум задоволен и тоа го кажавме на почетокот од оваа прес-конференција. Дали може подобро? Секогаш може подобро, секој може подобро, сите ние можеме подобро и тоа суштината на Владата, да од ден на ден биде подобра од претходниот ден. И така ќе биде сѐ додека е оваа Влада“.
Тој смета дека сето она коешто беше проблем во општеството полека, но сигурно веќе го нема и апсолутно е многу подобро.
„Веќе нема скандали, нема братучеди, браќа, внуци и слично. Нема голобради момчиња коишто шетаат по институциите со торби и слично и се главни инвеститори во трговски-деловни единици во центрите на градовите ширум државата. Ако има такви ја повикувам јавноста слободно и луѓето коишто се жртви на такви измамници да пријават. Така што мислам дека полека но сигурно сето она коешто беше проблем во општеството го нема, не велам дека е решено, не е возможно за 100 дена да се реши сѐ. Ние не сме магионичари нити магии ветувавме, нити чуда затоа што тој што ветува чуда и магии не ја говори вистината. Но, дали е подобро? Апсолутно е многу подобро. Дали може подобро и од ова? Секој ден може подобро. Ако ова прашање ми го поставите после две години за првите две години, ќе ви речам беше добро, но може подобро. Така што, целта е да секој ден биде подобар од претходниот. Дали ќе направиме некоја ненамерна грешка, и тоа ќе се случи. Затоа што човек што работи понекогаш и греши. Само што тој што ништо не работи, не може да погреши. Така што битно е да нема катастрофални грешки, да нема грешки коишто ќе имаат импликации подолгорочни“.
Претседателот на Владата Мицкоски потенцираше дека е прилично задоволен од тоа што е постигнато овие 100 дена и додаде:
„Ќе ве потсетам, уште еднаш ќе повторам, мора да ги повторуваме овие работи. Сметката на Владата на 24 јуни 2024 година за првпат во историјата на независна Македонија беше минус 200 милиони евра, минус 12 милијарди денари. Овој месец очекуваме да биде на позитивна нула. Ете тоа е она што ние го работевме. Повторно ќе кажам, дали е тоа доволно? Не! Утре ќе биде подобро, за месец дена ќе биде подобро, за една година ќе биде подобро.
Дали можеше подобро? Сигурно дека можеше! Дали можеше многу полошо? Можеше! Видовме што е, како е лошо раководење со држава. Така што јас сум исклучително задоволен и од работата на министерот и од ова што се случува во овие први 100 дена имајќи предвид каква состојба затекнавме“.
Македонија
(Видео) „Прекинат е растот на платите во образованието, се нудат срамни 0,7 отсто усогласување“, вели Лазаревска
„По само 100 дена, новата Влада предводена од Христијан Мицкоски и коалицијата покажа дека образованието не им е приоритет. ВМРО ДПМНЕ не само што не ги исполни ветувањата за поголеми плати туку и ги урна и надежите за развој на образованието. Наместо конкретни мерки, сведоци сме на скратување на постојните. Дури ниту Мицкоски во обраќањето по повод 100-те дена не спомена конкретни мерки за развој на образованието. Единствената мерка што ја спомена беше набавката на учебниците, но намерно не кажа дека ресорното министерство започна со набавка и докомплетирање на учебниците уште од почеток на 2024 година, со што се овозможи печатењето на учебниците да се случи уште во мај 2024 година, односно пред конституирање на новата влада“, рече Жаклина Лазаревска.
„Ја прекинаа планираната низа на раст на платите и донесоа одлука за дегарадирачко, срамно усогласување од само 0,7%, што е минимални 200-300 денари. Толку ли за ВМРО-ДПМНЕ вредат наставниците?
Од овој септември, платите на наставниците требаше да се зголемат за 12%, односно дополнителни 4.300 денари. Ова зголемување беше дел од новиот колективен договор за основно и средно образование. Но, благодарение на неспособноста на министерката Весна Јаневска, наставниците сега губат повеќе од 4.000 денари секој месец.
ВМРО ДПМНЕ лаже дека нема пари за повисоки плати, бидејќи средствата беа проектирани во буџетот на Министерството за образование за 2024 година. Но, со ребалансот, ВМРО ДПМНЕ одлучи да ги прераспредели парите за свои приоритети, што резултираше со кратење на средствата за инвестиции во образованието, подобрување на инфраструктурата, програми за децата од социјално ранливите категории.
Ова е уште една од низата лаги на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи во нивната програма стои раст на плати и подобрување на инфраструктурата. Но, затоа има пари за зголемување на платите на директорите на училиштата за 40-50%. ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува спирата на раст на плати во образованието што Владата на СДСМ ја започна и ја спроведуваше со долгорочен план.
Така, обезбедивме наставниците во основно образование денеска да имаат плата од 33,646 денари + минат труд за разлика од 2016 та кога имаа 21.100 денари, а во средното образование платите на професорите се 35.200 денари + минат труд за разлика од 2016та кога беше 21.950 денари.
Во овие 100 дена, ВМРО ДПМНЕ покажа дека е ненародна власт, која не работи во интерес на квалитетното образование и наставниот кадар.
Нема нови мерки за студентите, туку во нивни стил ВМРО излажа дека започнуваат со реновирање на 9-те студентски домови во државата, нешто што беше започнато уште пред две години од Владата на СДСМ.
Нашите просветни работници заслужуваат почит и поддршка од секоја влада. Образованието не е само буџетска ставка, туку инвестиција во нашата иднина, и затоа мора да биде приоритет. Како конструктивна опозиција, силно ќе се спротиставиме на политиките на оваа влада, која свесно сака да го маргинализира овој важен сектор“, изјави Жаклина Лазаревска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
Македонија
За еден месец има шест пријави за врсничко насилство, Јаневска најави измени за психолозите и педагозите да си ја работат само својата работа
Министерството за образование, изминатиот месец, од почетокот на школската година, добило шест пријави за врсничко насилство, извести денес министерката Весна Јаневска. Таа побара меѓуресорска соработка за успешно справување со оваа појава и ставање фокус на менталното здравје на младите за што се потребни понови и помодерни решенија оти предизвиците се менуваат со секоја нова генерација.
„Оваа учебна година има 6 пријави за врсничко насилство и ние постапуваме по нив, меѓутоа значајно е да се нагласи дека е неопходна меѓуресорска соработка од повеќе министерства, од невладини организации и стручни лица, но од особено значење е кога и самите млади се вклучени во процесот и секогаш е добро да се слушнат и заеднички да изнаоѓаме најповолни решенија за да се грижиме за здравјето на младите“, рече министерката Јаневска пред почетокот на тркалезната маса за менталното здравје на младите со посебен фокус на училишната средина организирана од Здружението на граѓаните „Младите можат“.
Јаневска смета дека државата има систем кој води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата и преку педагошката служба во Министерството за образование. Училиштата се обврзани да имаат стручни служби и тие најчесто имаат психолог и педагог, но може да бидат и проширени и со дефектолог и со социјален работник во зависност од можностите и големината на училиштата.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава, поради овие шест пријави и неколку други настани, секогаш испраќа препораки за постапување во однос на одредени конкретни случаи. Службите изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата и според тој план, во одредени часови, користејќи го и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај, тогаш се прави измена во тој план и се работи со децата и понатаму“, рече министерката Јаневска.
Во ретки случаи кога ќе се појави проблем кој станува поголем, Јаневска вели дека е потребно вклучување на Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучување на Министерството за внатрешни работи или барање лекарска помош.
Министерката најави измени во сегашните законски решенија, кои ќе овозможат психолозите и педагозите да се посветат на својата стручна работа наместо да заглавуваат во административни обврски и во помагање во работата на другите колеги во училиштата.
„Новите законски решенија ќе им овозможат да си ја работат сопствената работа. Ќе инсистираме да бидат многу повеќе присутни во училиштата со својата стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со кои треба да се работи, родители на кои им е потребна и некоја друга помош, и тоа не само за проблематичните деца туку од некои други причини. Има многу работа за стручните служби. Полека воспоставуваме систем во кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа. Се разбира, колегијалноста секогаш е присутна, некогаш ќе помогнат и на колеги и на директори, но ќе бидат фокусирани на својата стручна работа“, вели министерката Јаневска.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека обврска на неговиот ресор е грижа за ученикот надвор од училиштето, во неговиот дом, во семејството. Најави дека многу бргу ќе имаат систем што ќе дава целосна слика за семејствата приматели на права од социјална заштита заедно со услугите што ги даваат центрите за социјална заштита, кој ќе им даде не само статистички податоци туку и основи за градење социјални политики.