Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

