Македонија
Мицкоски нема против информатичар да стане министер за здравство: Со господинот Алиу се познаваме, мислам дека добро ќе соработуваме
Премиерот Христијан Мицкоски нема забелешки за предлогот поранешниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу да биде министер за здравство на местото на досегашниот лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој си поднесе оставка и од владината и од партиската коалиција.
„Да, јас го добив и официјално тој предлог. Деновиве, ќе го доставам до пратениците во Собранието. Со господинот Алиу се познаваме, така што мислам дека добро ќе соработуваме во рамките на Владата“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
Министерот за животна срдина и еден од лидерите во „Вреди“, Изет Меџити, во понеделникот рече дека ќе го предложат Алиу за министер за здравство откога тој од Алијансата за Албанците премина во „Вреди“. Иако веднаш откога го соопшти предлогот информатичар да биде министер за здравство, стигнаа многу забелешки за изборот, Меџити рече дека министерот треба да биде добар менаџер, а Алиу е најдобар предлог.
По оставката на Таравари, неофицијално, како можна министерка за здравство се спомнуваше сегашната министерка за образование, Весна Јаневска, а потоа и сегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој рече дека, ако му предложат, ќе ја прифати функцијата со соодветна замена за него во Фондот. Лицитирањето со можни министри во Здравство од ВМРО-ДПМНЕ го прекина премиерот Мицкоски кога рече дека нема да има размена на ресори во владината коалиција и ресорот Здравство ќе остане во „Вреди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
