Македонија
Мицкоски од Минхен: Пристапот кон ЕУ стана подвижна цел, наместо системот на заслуги постојат двојни стандарди и билатерални спорови

На денешниот настан во рамки на Минхенската безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон ЕУ, премиерот, Христијан Мицкоски, истакна дека македонскиот пат кон ЕУ започна многу пред да започне евроинтегративниот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка.
„За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексна. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот“, рече премиерот Мицкоски на Минхенската безбедносна конференција
„Промената на името не беше единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава. Да ве потсетам тука беше и промената на знамето. Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности“, дополни Мицкоски.
„Ние како држава имаме целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ. Ние сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител исто го исполнивме условот од 2% за одбранбени трошоци на годишно ниво. Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членска од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат“, заклучи Мицкоски и дополни дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји. Овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инспекциските служби на АХВ затворија нелегална работилница за месо

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата и оваа недела спроведе 154 вонредни инспекциски надзори во магацини и ладилници за храна. Недоследности се утврдени кај 41 оператор, за што се издадени решенија за наредба.
Изречени се 15 парични казни и уништени се десеттина килограми небезбедна храна. Кај 7 од контролираните оператори утврдени се незадоволителни хигиенски услови, а кај двајца, производите не биле означени (декларирани) на македонски јазик.
Кај осум оператори со храна утврдено е дека вработените немале санитарни книшки, односно биле затекнати без задолжително спроведен здравствен преглед. Кај еден од операторите кај кој е спроведен инспекциски надзор, АХВ утврдила дека врши недозволено препакување на производи од животинско потекло.
Инспекциските служби на АХВ, минатата недела во Скопје, при спроведен вонреден надзор, затворија нелегална работилница за производство на производи од месо. Нештетно уништија околу 200 килограми небезбедни производи. За сторениот прекршок (работа без одобрение од АХВ и ставање во промет на небезбедни производи) на нелегалниот оператор изречена му е и парична казна.
При друга спроведена вонредна контрола, од физичко лице, одземени се и 50 килограми производи од месо со непознато потело. Производите се продавале на отворено, без потребен температурен режим. За сторениот прекршок, на физичкото лице изречена му е парична казна, а одземените небезбедни производи од месо нештетно се уништени.
Македонија
(Фото) СДСМ: 240.000 илјади евра тендери од Битола за Пуцко Петрол – омилениот снабдувач на ДПМНЕ

Пуцко Петрол бил омилен снабдувач на општините кои ги води ДПМНЕ и тоа подолг период, години наназад, велат од СДСМ.
„Само со три договори склучени со општина Битола, каде градоначалник е Коњановски од ДПМНЕ, речиси 240.000 евра завршиле кај оваа компанија. Јавноста знае дека тоа е бизнис изроден во времето кога ДПМНЕ и ДУИ беа коалиција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да излезат пред граѓаните и да одговорат колку милиони народни пари преку општините, министерствата и други институции кои тие ги раководат завршиле кај Пуцко Петрол?“, стои во соопштението на СДСМ.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС е директен учесник во криминалот со канцероген мазут тежок 167 милиони евра. На македонската јавност и е многу јасно дека за дебело да профитира нивната политичката и бизнис елита, СДС и ДУИ посегнаа и кон труење на граѓаните. Пуцко Петрол е омилена компанија од владеењето на СДС и ДУИ. Таа е фирма на син на омилениот пратеник на СДС од ДУИ, Исмаил Јахоски. Седум години на власт, СДС се погрижиле династијата од Пласница енормно да го зголеми богатството, но за жал на штета на здравјето на граѓаните. Седум години Пуцко Петрол од СДС, како од централната, така и од локалната власт земал тендери тешки милиони евра. Седум години Пуцко Петрол заедно со РКМ ги труеле граѓаните со канцероген мазут. Седум години СДС го толерирала Пуцко Петрол, затоа што и самите беа вклучени во криминалот тежок скоро 167 милиони евра, преку кој со канцероген мазут го труеја народот. Директни учесници на СДС во овој криминал во ТЕЦ Неготино, се нивниот кадар и директор во бегство од правдата, Васко Ковачевски и другите нивни функционери“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ дозволиле криминал од 167 милиони евра, воедно истиот бил и канцероген

СДС и ДУИ додека ја водеа владата, наместо да мислат за граѓаните и нивно подобро утре, а воедно и добро на државата, тие гледале како да крадат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и ДУИ кои дозволиле криминал од 167 милиони евра, воедно истиот бил и канцероген.
Со конкретниот тендер за мазут за ТЕЦ Неготино направиле две криминални дела, кражба на народни пари и труење на народот.
Притоа, лицата кои се дел од оваа мрежа се избегани, како Васко Ковачевски, а синот на пратеникот од ДУИ сопственик на Пуцко Петрол, едвај после жалби доби мерка притвор.
Оваа шема на СДС со години ги крадеше народните пари, а дел од тендерите како еден од многуте во вредност од 22 милиони евра го субвенционирала и самата влада со сума од 15 милиони евра.
СДС и ДУИ имаа обид, преку своите инсталации во правосудниот систем, да ги штитат споменатите лица кои правеле криминални дела.
Поминува времето во кое се штитеа криминалците, Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ воспоставува ред и работи во корист на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.