Македонија
Мицкоски од Росоман: Ќе ме распарчеле и спакувале во куфер, па велат дека не ме мразат туку ме презираат
Во кампањата треба да направиме и еден рекапитулар на се она што е сработено во изминатиот период и да се нацртаат контурите на тоа што треба да се работи во периодот којшто следи и како владата ќе ја води државата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од народниот митинг во Росоман во рамките на изборната кампања за локалните избори со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски повтори дека на овие избори има две опции и тоа едната е да се вратиме назад и да се поддржи опцијата којашто ја поддржува коалицијата, некаде формална, некаде неформална, некаде полуформална, којашто се обединила поради две причини, а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто значи развој за државата.
„Првата е жедта и непромислената желба за власт и втората е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Сега, последно коешто го слушнавме од претседателот на СДСМ е тоа дека тие не не мразеле или, да бидам попрецизен, не ме мразеле, туку ме презирале. Што не се изнаслушав на оваа кампања, од тоа што ми испраќаа пораки преку нивните новинари и перјаници дека ќе ме спакувале во куфер, ќе го распарчеле моето тело и ќе го спакувале во куфер, па до тоа дека ме презирале“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на оваа изборна кампања не изнесе ниту една навреда за никого, за разлика од СДСМ и Венко Филипче, само кажувам дека изминатите седум години кога беа тие во владата имаа можност да покажат како се борат за својот дом.
„А, ние видовме само грабеж, понижување, распродажба и омаловажување на својот народ, на својата држава и на своите граѓани. Тоа ако го чувствуваат тие како навреда, тогаш не знам навистина што да кажам. Вистината понекогаш боли. А толку внимавам, прво не личи на мојот карактер да навредувам, а второ ние ниту еден негативен спот не објавивме оваа кампања, цело време зборуваме за проекти, за план и за визија. Тие ја почнаа кампањата со црна кампања, со напади и ниски страсти како ќе ме спакувале распарчен во куфер и тоа би било штос во оваа кампања, така порача еден од нивните гуруа, чиишто колумни ги објавуваа и ги цитираат од раководството на СДСМ. Па се до последното што слушнав од човек којшто во суштина треба да е мој колега, редовен универзитетски професор, дека активистите на СДСМ мене ме презирале, не ме мразеле. Тоа е ниво повеќе, претпоставувам тука требаше да покаже мускули. Но во ред, нека му служи на чест“, порача Мицкоски.
Од Росоман, претседателот Мицкоски порача дека граѓаните на 19 октомври ќе го кажат своето мислење, за што е сигурен дека тоа ќе биде референдумско заокружување на бројот 9 и огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Лимани смета дека назначувањето на владин повереник во Гостивар е незаконско
Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови по првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани смета дека назначувањето на владин повереник е незаконско. Тој во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски“, рече Лимани.
Владата најави дека ќе назначи владини повереници во четирите општини во кои локалните избори беа неуспешни затоа што во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност на гласачите. Се работи за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Македонија
ТИТАН Усје со поддршка за болницата во Кочани
Во насока на поддршка и унапредување на услугите за граѓаните, ТИТАН Усје обезбеди генератор за Јавната здравствена установа Општа Болница Кочани. Генераторот ќе обезбеди непречено да се извршува здравствената дејност во оваа институција, што е од огромно значење. Истовремено ќе придонесе за подобрување на ефикасноста во работењето, во интерес на граѓаните од овој регион.
Донацијата беше обезбедена по претходна консултација со менаџментот на болницата во Кочани за нивните потреби согласно спецификите на работењето и за потребите на пациентите. Во Кочани донацијата ја предадоа техничкиот директор на компанијата Гоце Цветкоски и Александар Мојсовски, менаџер на погонот за одржување.
„Искрено се надеваме дека на овој начин ќе успееме да придонесеме за подобрување на состојбите, за сите граѓани кои имаат потреба од здравствена услуга да добијат соодветен третман. Ние сите заедно мора да придонесеме за подобрување на состојбите во нашето општество и да обезбедиме поддршка онаму каде што е најпотребна. Ќе продолжиме во таа насока и во иднина„, истакна Цветковски.
Покрај оваа донација, на болницата во Кочани ѝ беше дониран и респиратор, кој беше обезбеден од донации од вработените на компанијата, а беше реализирана и донација за болницата во Штип.

