Македонија
Мицкоски: Пет години ги третираат земјоделците како робови додека тие јадат со златни виљушки

Како што е лошо во енергетиката, уште полошо е во земјоделието. Сте виделе ли среќен или задоволен земјоделец изминативе 52 месеци, петта година по ред? А, ветуваа и не остварија повисоки субвенции, поголеми откупни цени. Зоран Заев и Љупче Николовски ги третираат земјоделците како робови, од чија мака печалат. И мислат дека ако дојдат тука пред избори и повторно ги ветуваат истите работи кои не ги исполниле, дека така ќе ги измамат повторно напатените луѓе, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Пробиштип.
И додека земјоделците живеат во страв за својата и егзистенцијата на своите најмили, додаде Мицкоски, власта ужива во луксузот.
„Додека народот нема на трпезите, Заеви јадат со златни виљушки како што гледавме од фотографиите во јавноста. Додека земјоделците немаат пари за бензин за старите трактори и земјоделска механизација, Заев вози мотори неколку десетица илјади евра скапи и на митинзи доаѓа со ново патничко возило ‘бе-ем-ве’ вредно повеќе од стотина илјади евра, во Ресен велат еднакво е на 3 милиони килограми јаболки, бидејќи еден килограм се продава за 2 денара“, вели Мицкоски.
Тој укажа дека со ваквото однесување Заев им се смее во лице на граѓаните додека мака мачат како да го преживеат месецот.
„Немаат ниту план, ниту програма“, вели Мицкоски.
„Направиле флаери каде ги нудат истите ветувања пред 4 години и мислат дека народот пак ќе го прелажат. Анкетите и бројките покажуваа дека СДСМ ќе ги загуби овие избори. Тоа го знае и Заев, и тие малкумина околу него. Единственото нешто што им преостана е поткупот. Поткупот кој го прават со црни пари, крадени пари од народот, но и од државните пари со кои треба да располагаме сите ние. Пред некој ден објавивме видеоснимка каде носат црни вреќи во Битола, вадат од брендираниот автомобил каде пишува најдоброто за вашата општина и го делат на граѓаните и тоа мислат ќе купи милост. Тоа се крадените пари на Заев“, рече Мицкоски во Пробиштип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Барање за итна седница на Советот на Град Скопје за помош на настраданите во земјотресите во Турција

Советничката група на СДСМ и коалицијата, како и советниците од политичката партија ДУИ и советници од ДОМ и ЛДП, денеска поднесоа барање за свикување на итна седница на Советот на Град Скопје.
На вонредната седница предвидена е една точка на дневен ред односно Одлука за давање помош на настраданите граѓани во катастрофалниот земјотрес во Република Турција, за што е подготвена и доставена соодветна Предлог Одлука.
Според Предлог Одлуката се предвидува, како израз на солидарност кон граѓаните на Република Турција, од подрачјата зафатени со катастрофалниот земјотрес да се додели парична помош во износ од шест милиони денари, односно близу 100 000 евра.
Овие средства можат да се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2023 година, односно потпрограма А0, ставка 412, односно постојана резерва (непредвидливи расходи).
Се очекува претседателот на Советот веднаш да свика вонредна седница, а од мнозинството советници одлуката да биде изгласана.
Град Скопје како град на солидарноста и пред своите граѓани и пред светот има одговорност согласно своите можности да помага на секој град кој се соочува со несреќи и природни катастрофи, каков што е страотниот земјотрес во Турција.
Македонија
Преговорите со ЕУ ќе ги отстранат сите пречки во трговијата, почна билатералниот состанок за Поглавјето 1

Денеска, во Брисел почна билатералниот скрининг-состанок за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоките“, кое е дел од вториот кластер „Внатрешен пазар“.
Македонската делегација ја предводи заменичката на главниот преговарач на Република Северна Македонија со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која ги посочи напредокот и спроведените реформи во ова поглавје со конкретни активности.
„Со почитување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) од 2009 година донесовме сеопфатна хоризонтална стратегија за слободно движење стоки и целосно имплементиравме акциски план за усогласување со членовите 34-36 од ТФБЕ, кои резултираа со вкупно 42 правни акти, кои беа идентификувани како мерки со еквивалентно дејство на квантитативни ограничувања, кои беа укинати или изменети до 2016 година. Во моментот, со поддршка на техничката помош на ЕУ, во рамките на ИПА-проектот ‘Зајакнување на внатрешниот пазар’, почнавме со подготовка на нова стратегија, ажурирана со најновото европско законодавство и продолживме со сеопфатен преглед на законодавството релевантно од гледна точка на предизвикување нецарински пречки во трговијата со цел да се подготви нов акциски план со рокови за отстранување на овие пречки“, истакна, меѓу другото, во својот говор заменичката на главниот преговарач, Дрита Абдиу-Халили.
Таа исто така укажа дека имаме уште за работа во областа на ова поглавје и дека се потребни посуштински реформи потенцирајќи дека несомнено отворањето на поглавјата за време на преговорите за полноправно членство во ЕУ, како и континуираната поддршка од Европската комисија, ќе го дадат потребниот поттик за подлабоко и повеќе ефикасно спроведување на реформите во однос на слободното движење на стоките.
Слободното движење на стоките е една од четирите основни слободи на ЕУ. Принципот на слободното движење на стоките значи дека производите произведени во земја членка на Европската Унија може слободно да циркулираат во други држави во рамките на единствениот пазар на ЕУ.
Единствениот пазар на ЕУ е основан пред 30 години, има 415 милиони потрошувачи и сочинува 18 % од глобалната економија. Трговската размена на стоки меѓу Северна Македонија и Европската Унија зафаќа вредност повеќе од 10 милијарди евра, односно 5,2 милијарди евра увоз на стоки од земјите на ЕУ и 5 милијарди евра извоз на стоки од нашата земја во земјите на Европската Унија.
Усогласеното европско законодавство за производи, кое треба да се транспонира, го претставува најголемиот дел од acquis. Повеќе од суштинско значењето да се има доволен административен капацитет за известување за трговските ограничувања и спроведување хоризонтални и процедурални мерки во областите, како што се: стандардизација, оцена на сообразност, акредитација, метрологија и надзор на пазарот.
Презентациите на преговарачкиот тим за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоките“, ќе продолжат во следните четири дена, а в петок почнува билатералниот скрининг за Поглавјето 4, „Слободно движење на капиталот“.
Македонија
Средба на Спасовски со амбасадорот на Словенија, Милан Предан

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан, на кој му завршува мандатот во земјава.
На средбата Спасовски му се заблагодари на амбасадорот Предан за поддршката од страна на Република Словенија во процесите за започнување на преговори со ЕУ и одличната соработка на Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија со Министерството за внатрешни работи, изразувајќи уверување дека истата ќе продолжи да се развива во континуитет и со новоименуваниот амбасадор.
Спасовски му врачи плакета од МВР на Предан во знак на благодарност за успешната соработка и модернизирање на капацитетите на МВР на Република Северна Македонија