Македонија
Мицкоски повика на фер третман: Уморни сме од постојаните блокади поради билатерални прашања

Премиерот Христијан Мицкоски и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас имале отворен разговор за македонските евроинтеграции, откри премиерот на заедничката прес-конференција. Патот, вели Мицкоски, не беше ни лесен, ни краток, ниту секогаш праведен, поплочен со многу предизвици, компромиси и предолго чекање.
„Ние припаѓаме во ЕУ, не затоа што некој ни го должи тоа, туку затоа што со децении градиме општетство на демократски вредности, владеење на право, човекови права и добрососедство. Ќе се согласиме, не сите земи членки и не секогаш се однесуваат во европскиот дух. Денес во разговорите побарав фер третман, доследност. Европа да покаже лидерство кое ќе донесе нешто вредно за граѓаните во реалност. Да се врати вербата во европската идеја, особено кај младите. Да покажеме дека ЕУ не е затворена, туку за нас е жива визја, заедница на вредности. Денес не само што зборувавме за реформии, туку ги живееме тие реформи. Веруваме во европскиот сон и бараме да биде достапен за сите“, рече Мицкоски.
Тој изрази верување дека иднината е на нашата страна. Ние сме подготвени, Европа може да смета на нас, а сега е време и ние да можеме да сметаме на Европа, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со Калас.
Премиерот ја повтори подготвеноста на земјата да прифати медијација за разговори со Бугарија, како и решителноста да се изнајде решение кое ќе биде достоинствено.
„Уморни сме од континуирани блокади коишто се однесуваат на билатерални прашања“, изјави премиерот.
Тој рече рече и дека Македонија прифатила да седне на маса со Бугарија за време на НАТО самитот, со што во присуство на меѓународната заедница би биле слушнати аргументите од двете страни.
Калас порача дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и треба да ги преземе чекорите за почеток на преговорите. Го пофали усогласувањето со надворешната политика на Унијата, а во однос на механизмите со кои би се деблокирал процесот на преговорите, не сакаше да открие детали. Унијата верува дека планот „А“ за македонските евроинтеграции ќе функционира, истакна таа, прашана зошто за Македонија нема план „Б“, а има за Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грмотевици и дожд попладнево во Скопје, се апелира да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја

Невреме проследено со пороен дожд со грмежи го зафати попладнево Скопје.
УХМР претходно најави дека од денес до петок во попладневните и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со изолирана појава на град.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Одбраната побара ослободителни пресуди за Кешишев, Манев, Видевски и Ѓорчевски за убиствата на Вања и Панче

Одбраната побара ослободителни пресуди за Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски за убиствата на Вања и Панче.
Адвокатот на Кешишев побара неговиот клиент да добие ослободување од оговорност за убиствата, а судот да го има во предвид неговиот страв и потчинетост и своевидното заложништо што го чувствувал од страна на Палевски. Во одбрана на Кешишев, адвокатот Ефремов рече и дека неговиот клиент во текот на постапката бил ставен целосно на располагање на истражните органи и придонел кон разрешница.
Адвокатот Горан Бошевски, кој го бранеше обвинетиот Велибор Манев, побара ослободителна пресуда за убиство, а осудителна за делото грабнување. Тој рече дека не постоел договор за убиства и нема умисла за извршување таков вид кривични дела. Рече и дека Манев и Боре барале од Палевски да го ослободи девојчето откако виделе дека е дете, но Палевски ја фотографирал, ја распрашувал за родителите, па ја застрелал.
Ослободителна пресуда за убиствата побара и адвокатот на каратистот Боре Видевски, Бојан Манев, тврдејќи дека Јавното обвинителство не докажало со ниту еден доказ дека Видевски е поврзан со кривично-правните настани кои му се ставаат на товар. Постапката вели адвокатот се базирала само претпоставки, конструирани изјави, изнудени признанија и искази на двајца обвинети.
„За време на убиството на Панче тој се наоѓа на работното место, за што беа посочени и двајца сведоци, колеги кои работат со него во канцеларија, уште во неговиот исказ во ЈО пред повеќе од 20 месеци. Но, тие сведоци не беа повикани од јавните обвинители на судењето. Во времето на убиството на малолетното девојче, тој се наоѓа во штабот на партијата Десна“ рече Манев. Адвокатот додаде и дека на снимките од Сејф сити и на останатите снимки од движењето на возилата по грабнувањето на Вања не се гледа ликот на неговиот клиент.
Адвокатот на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ побара ослободителна пресуда. Рече дека за Ѓорчевски нема ниеден материјален доказ дека помагал на групата на Палевски.
В петок завршен збор ќе даде Љупчо Палевски.
Македонија
Директорот на БЈБ, Јанев: На патиштата има се’ повеќе тешки сообраќјни несреќи, неопходно е засилување на реакцијата на терен

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, во Велес одржа работни состаноци со раководството на овој Сектор за внатрешни работи, како и со претставници и одговорни лица од релевантни институции од областа на безбедноста во сообраќајот.
Првенствено, работните средби беа фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот Велес, со посебен аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што беа предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Во тој контекст, директорот Јанев, оценувајќи ја состојбата на патиштата за сериозна, со се позачестини тешки сообраќајни незгоди, дел од нив и со загубени човечки животи, потенцираше дека покрај потребата од засилена меѓуинституционална координација неопходно е засилување на секојдневната реакција директно на терен.
Според Јанев, суштинско е почитувањето на сообраќајните правила и прописи да стане културна и етичка матрица на поведение, како во интерес на личната безбедност, така и во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
На средбите беше, меѓу другото, најавено дека полициските мотоцикли, кои што и досега дејствуваа на целата територија на државата, сега посебно во екот на летната сезона, кога управувањето на мотоцикли од сите возрасни категории граѓани е драстично зголемено, ќе бидат застапени со дополнително зголемено присуство и мобилност на терен.
Во рамки на напорите за зголемување на ефикасноста, како што беше посоченои на средбите се користат и најсовремените алатки и уреди на Интерпол за откривање на возила предмет на меѓународна потрага.
„Овие современи алатки ни овозможуваат да бидеме чекор понапред пред криминалот. Ова е дел од нов пристап – каде што секој систем, секој ресурс и секој човек е ставен во функција на заштита на граѓаните“, истакна директорот Јанев.
Средбите тематски беа фокусирани и на општата безбедносна сотојба на регионално ниво како во поглед на јавниот ред и мир, така и во делот на криминалитетот, па се до насилството меѓу младите, односно врсничкото насилство и улогата на полицијата во заедницата. Во тој контекст директорот Јанев имаше средба и со градоначалникот на општината Велес, Марко Колев, на која што заеднички беа договорени конкретни чекори за подобра координација меѓу општинските и државните институции, со фокус на превенцијата, сообраќајната инфраструктура, општинската инфраструктура и јавната безбедност.
Инаку, денешните средби во Велес се дел од поширока стратегија за подигнување на нивото на безбедност во сите сегменти – со фокус на безбедноста на граѓанинот, односно неговиот живот и сигурноста во секоја локална средина, или како што истакна директорот Јанев – „Полицијата нема привилегија – има должност: да биде секогаш на страна на граѓанинот, да служи, да штити и да делува.