Македонија
(Видео) „Мицкоски повторно слеп за самоволието на Гаши, МВР да ги покаже налозите“, бара СДСМ

„Скандалите на Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не запираат и секој следен е поскандалозен од претходниот. Најновото своеволие на претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврдува дека не само што немаат намера да престанат со прекршување на правилата, туку тоа ќе го прават без да се грижат што мисли јавноста и граѓаните“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„По објавите на медиумите, дека Африм Гаши приватно со цела свита обезбедување бил на свадба во Косово, денес институциите МВР и Собрание должат повеќе одговори. Вчерашните неуспешни обиди да ја заташкаат веста нема да им поминат.
Тошковски и МВР треба во најкус рок да одговорат, дали имал Гаши патен налог и документација со себе за ова одење по невеста?
По кој основ бил даден налогот и на колку денови?
Бараме налозите, се разбира ако постојат, да се објават во јавноста. Граѓаните веќе не им веруваат на зборовите на Тошковски и МВР, потребни се докази.
Понатаму го прашување скандал мајсторот Гаши, да одговори пред граѓаните, дали е етички со службено возило да оди по невеста во Косово?
Дали знае дека тој може со приватно возило да патува и покрај тоа што неговото обезбедување може да користи службени возила?
Дали знае дека е понижување за државата, вториот човек по ранг да оди по свадби и по невести со службено возило во соседни држави?
Свесен ли е Гаши воопшто за важноста и достоинството кое треба да го носи позицијата Претседател на Собрание или го смета тоа за приватна своина?
Понатаму го прашуваме Мицкоски, до кога ќе ги гази сопствените ветувања?
Зошто го убедуваше народот дека секој политичар од неговата Влада кој се однесува непримерно и несоодветно ќе биде сменет?
Или тоа не важи за албанскиот коалициски партнер на ДПМНЕ.
Мицкоски ја труеше јавноста и граѓаните дека му е потребен нивниот глас за да ги спаси од самоволието на ДУИ, за на крај прво да направи коалиција со ДУИ и им го надгради балансерот, а потоа да мижи пред понижувањата од ВЛЕН“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Семејствата на повредените од трагедијата во Кочани, кои се наоѓаат во Скопје, се поканети на ифтарска вечера во паркот во Чаир

Муслиманите од Скопје ги поканија семејствата на повредените од трагедијата во Кочани, кои се наоѓаат во Скопје, да им се придружат на ифтарска вечера во паркот во Чаир, пренесе ТРТ Балкан.
„Ги покануваме и семејствата на сите лица кои беа погодени од трагедијата што се случи во Кочани да ни се придружат на ифтарската софра во паркот на Чаир, доколку се наоѓаат во болниците во Скопје“, напиша Нусрет Куртиши на својот Фејсбук профил.
Денеска е најцрниот ден во поновата историја на Македонија.
Граѓаните од целата земја во солзи и огромна тага се збогуваа од 59-те млади животи што згаснаа во пожарот во дискототека Пулс во неделата.
Македонија
Штип се прости од петтемината свои сограѓани кои загинаа во пожарот во Кочани

Граѓаните на Штип денеска се простија од петтемина загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Последна почит им оддадоа на Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица во штипско Ново Село, Црквата „Света Троица“ на Гробиштата во Штип и Соборниот храм „Свети Никола“ се трите локации каде граѓаните се простуваа од своите млади сограѓани.
Загинатите беа погребани во гробиштата во Штип со почести од високи свештени лица на МПЦ-ОА.
На трите места каде се оддаваше последна почит на загинатите беа присутни тимови на Црвен крст и екипи на Прва помош.
Македонија
Кочани, „Беса транс“, тетовската болница, Ласкарци: Изет Меџити ветува правда за сите трагедии

Првиот вицепремиер Изет Меџити вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци. Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостигала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.
„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира во институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.
Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.
„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата, која ја контролира државата, како што, за жал, тоа било случај со години, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“.
Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смее да дозволат повторување вакви несреќи.
„Кочани е нашата совест, која повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол, кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко во институциите што ги уништуваат човечките животи“.
Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.
„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса транс’, за тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии последици се човечки животи!“