Македонија
Мицкоски: СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, имаше свое обраќање.
„Сакам уште една работа да одговорам околу неговата „чесност“. Ја слушам и гледам една валкана кампања која ја тераат неговите прокси играчи и дебело платени мегафони со украдените пари. Слушаме приказни за тоа колку власта била нечестна, иако 7 години беа на власт, трипати ни го чешлаа секој денар и видоа дека нема ништо. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека во Бугарија има фирма? Се сеќавате ли дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари во Бугарија на други фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер?“, запраша Мицкоски.
Претседателот Мицкоски потсети и на ковид вакцините, кои претходната влада ги имаше набавено преку фирми од, како што вели тој, втора рака, и кои беа тројно поскапи од оригиналните цени.
„Се сеќавате ли дека набавуваше вакцини против ковид од Кина по ултра дебели провизии, преку фирми втора рака, по трипати повисока цена од оригиналната? Се сеќавате ли дека монтажната зграда која му изгoре на Филипче се градеше без одобрение, а тој нè убедуваше дека „кабелот е крив“? За сите овие работи Филипче треба да одговара. Но, кога ќе се покрене тоа прашање — молк. Зошто?“, рече Мицкоски и додаде:
„Затоа што над 80 кривични пријави и случаи, за кои имаше и јавно објавени гласови и пријави во обвинителството, се ставени во фиока. Зошто? Затоа што таму 7 години се редеа послушни партиски кадри. Седум години имаа енормни скокови во кариерата луѓе блиски до струмичкиот клан и до Венко. Затоа СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ. А кривичните пријави кои ги поднесовме се длабоко ставени во фиока и заклучени. Клучот е кај Венко“.
Мицкоски истакна дека судството во земјава мора да биде независно и мора да има правда за сите, а додаде и дека по локалните избори следуваат промени затоа што судството мора да се ослободи од партиски и криминални стеги.
„Затоа, по овие избори, лично ќе се позанимавам со ова. Затоа што судството мора да биде независно и да има правда за сите. Знам дека таму не се собрани само интересите на СДСМ, туку и на ДУИ и на сите криминалци заедно. И нека се лутат колку сакаат, но ќе кажам: не само што не ги заслужуваат платите, туку и тие им се превисоки за таа неработа. Се разбира, има исклучоци, но сите други ја прават сликата јасна — ќе има промени и одговорност во судството и обвинителството. Македонија мора да успее и да победи. Затоа овие избори се важни. Да испратиме порака дека доаѓа крај на лицемерието, крај на криминалот и дека народот е посилен од ова сидро кое ја влече државата надолу. Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

