Македонија
Мицкоски: Точно знаеме кои се криминалците од Арачиново, по смената на власта ќе одговараат

Точно знаеме кои се криминалците од Арачиниво кои пред неколку дена нападнаа и избркаа полицајци кои си ги извршуваа работните активности и ќе оставиме на институциите да си ја завршат својата работа, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски , запрашан за коментар по вчерашната констатација на Министерството за внартешни работи, дека полицајците не биле нападнати туку дека тие не си ја извршиле работната задача, по што против нив ќе бидат покренати дисциплински постапки.
Мицкоски посочи дека уште од првиот ден после промената на власта и преземањето на раководењето на институциите, вклучително и на МВР, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, овие лица и нарко банди кои сите ги знааат, ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе одговараат.
„Ќе оставиме институциите да си ја завршат својата работа, а првиот ден кога ние ќе ги превземеме институциите ќе видите точно за кои луѓе станува збор и тие луѓе ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Еве, јас ви ветувам, држетеме за збор. Точно знаеме кој се луѓето, кои возила ги возат, како изгледаат, со што се занимаваат, каде се движат и што прават. Првиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе институциите и ќе го превземе Министерството за внатрешни работи, еве ви ветувам дека тие луѓе, лично, пред вас ќе бидат изведени и пред лицето на правдата“,
Мицкоски одговараше на прашања за време на денешната акција насловена „Отворен ден на општините – Твојата идеја за промени“, каде што граѓаните предлагаат идеи за реализација на проекти кои ќе бидат вклучени во општинските буџети за следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Ја зацврстуваме соработката со САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.
Премиерот Ковачевски информираше дека Владата, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД.
„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.
Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.
„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план“, нагласи премиерот.
Ковачевски потенцираше дека целта е што побрзо членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што истакна, на граѓаните им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина.
„За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа“, смета премиерот.
Македонија
Мицкоски на средба со Липавски: ВМРО-ДПМНЕ го црпи суверенитетот исклучиво од народот и затоа се потребни предвремени избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, членовите на ИК Антонио Милошоски и Марија Митева, како и меѓународниот секретар Стефан Андоновски, денеска се сретнаа со висока делегација на Чешката Република предводена од Јан Липавски, министер за надворешни работи, на која присуствуваше и амбасадорот на Чешката Република во Македонија, Јарослав Лудва.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и прашањето за пристапување на Македонија кон Европската Унија, за кое што уште еднаш недвосмислено ги истакнавме нашите ставови и позиции за непромена на Уставот под бугарски диктат.
Од страна на претседателот Мицкоски беше исто така потенцирано дека единствениот виновник за ситуацијата во која се наоѓа Македонија во моментов е владата на СДС, која ги прифати сите штетни договори и ја остави државата во чекалната на ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ даде уверување дека како партија, но и идна влада суверенитетот го црпиме исклучиво од народот и затоа се потребни предвремени избори на кои граѓаните ќе ни ја дадат довербата за која ќе работиме чесно и посветено, за да ја видиме Македонија напредна и просперитетна, вистински на патот кон ЕУ.
Македонија
Кога ќе ни почине пациент, тогаш надлежните ќе ја видат итноста на потребата од брз лек, велат болните од цистична фиброза

Претседателот на Асоцијацијата за лица болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели дека здравствената состојба на болните е доволно лоша и дека не треба да се дозволи чекање и одолжување за набавка на лекот „трикафта“. Гаспар и јавно испрати порака: „Не смееме да дозволиме да ни почине пациент“ по што додава дека тројца пациенти се во критична состојба и секој ден многу им значи.
„Една пациентка имаше три интервенции од страна на брзата помош во текот на претходната недела, ги правиме сите притисоци сè со цел да не го изгубиме тој човечки живот, но доколку чекаме смена на одредени закони, кои министерот Сали ги најави, тоа не е воопшто соодветно и немаме време да дозволиме да се влечкаат одредени процеси“, вели претставникот на лицата болни од цистична фиброза во изјава за „Макфакс“.
На прашањето дали ќе има следен протест, претставникот на Асоцијацијата вели дека за сега нема таква најава, но доколку почине некој од пациентите што се во критична состојба, ќе има голем револт од родителите и од другите пациенти.
Гаспар како претставник на пациентите со цистична фиброза за „Макфакс“ посочува дека постојано прават притисок, но немаат информација кога лекот ќе биде набавен од Министерството. Дециден е дека време за чекање немаат и дека за секој пациент тоа е луксуз.
„Доста сме задоволни од тоа како помина протестот, имаше многу луѓе и повеќе од очекуваното и покрај временските улови и со оглед на другите настани што се случуваа на тој ден во државата, но сè уште немаме никаков официјален одговор од страна на институциите. Во петокот бевме на состанок со министерот, ни дадоа некои чекори што тие сметаат дека треба да се завршат како промена на одредени закони, промена на одредени правилници, како и да воспостават контакт со компанијата што би го набавила тој лек. Вчера, заклучно на состанокот што го имавме со управниот и надзорниот одбор, беше најавено дека до петок ќе чекаме официјален одговор во однос на нашиот протест“, дополнува тој за „Макфакс“.
Првиот човек на Асоцијацијата смета дека е постигнат напредок во преговорите со надлежните каков што немало во последните три години. Воедно, тој посочува: „Ќе има и нареден протест доколку министерот не се држи до дадениот збор дека работите ќе се движат динамично и до крајот на годината ќе има лекови за 30 пациенти, а за преостанатите ќе ги достават в година“.
Министерството за здравство имаше состанок со Министерството за финансии со цел да се најде начин да се набави скапиот лек директно од производителот. Посочија дека веќе во тек се преговори. Но, за набавката да се реализира – мора да се променат три закони. Тоа значи дека Владата треба да ги изготви измените, па да ги достави до Собранието, каде што пратениците преку гласање ќе треба да се изјаснат.
Во саботата се одржа и протест со скандирање „Сакаме лек, не комодитет“ и „’Трикафта’ за сите“. Пациентите и нивните семејства пред Владата одржаа протест и побараа власта да побрза со одлуките и да обезбеди лек за сите болни.