Македонија
Мицкоски: Филипче зборува дека инфлацијата е висока, а до пред година и пол во време на СДСМ рушеше рекорди во Европа со над 20 отсто
Овие избори се одлука за вашата иднина и за иднината на вашите деца. Вие го одбирате човекот кој ќе се грижи за вашето маало, за вашата улица, за вашата општина. Со тој избор вие сакате да имате човек кој ќе биде вашиот глас во општината, човек на кој можете да се потпрете кога ви треба помош, човек кој ќе ве сослуша кога имате што да кажете, кој ќе работи и ќе решава проблеми, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во општина Чашка во рамките на кампањата за локалните избори закажани за во недела на 19 октомври, под слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски порача дека со еден избор, кој е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на овие избори се оди напред, а со друг избор, СДСМ и нивната некаде формална, некаде неформална коалиција, граѓаните и државата се враќаат назад.
„Досегашната кампања покажа дека изборот е лесно препознатлив. Но одлуката да излезете и да гласате е пресудно важна за да обезбедите иднина. Ние излегуваме со план, програма и визија зад која стојат внимателно одбрани проекти и решенија кои се одговор на вашите потреби. Не ветуваме чуда, чуда се невозможни, ние не сме чудотворци, а секој кој ветува чуда не ја говори вистината, ние ветуваме многу напорна, чесна и посветена работа“, рече Мицкоски.
Од друга страна, додаде Мицкоски, нашите конкуренти ниту имаат програма, ниту имаат знаење, имаат само конструкции, фабрикувани лаги и многу омраза.
„Поминавме седум тешки години кога претходната влада на СДСМ и ДУИ создаваше хаос, уривања, поделби и многу криминал и тие години на апатија и безнадежност народот не ги заборава, колку и денес да се трудат ова време да се заборави. Пред само 15 месеци истите тие луѓе беа причината за сите неправди и неуспеси. Сега истите тие не може да бидат алтернативата која ќе донесе резултати. И така безобразно продолжуваат и оваа кампања да не ја говорат вистината“, рече Мицкоски.
Мицкоски ја прокоментира вчерашната изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој рече дека инфлацијата е висока, потенцирајќи дека во време на власт на СДСМ, инфлацијата изнесувала и високи над 20%.
Тој зборуваше за инфлацијата, стандардот на граѓаните и за тешкиот живот. Во прво време не го сфаќав сериозно и мислев дека тоа што го говори е практично нешто коешто му е кажано да го каже, па потоа ќе каже дека ја научиле грешката од минатото, дека еве сега врз основа ан таа грешка нема повеќе да грешеле, ако ја добијат довербата. Но во суштина сфатив дека тоа е нивната стратегија на овие избори да кажуваат нешто коешто воопшто и не го разбрале. Сфатив дека тие на оваа кампања, во овие избори, не само што не ја научиле лекцијата од минатото, туку продолжуваат истата грешка да ја прават. И кога не води црна кампања, тогаш не ја говори вистината и како што вели народот, лаже, па ќе зборува дека имало сега рекордно високо ниво на инфлација. До само пред година и половина, две години, Македонија беше рекордер во стапката на инфлација во Европа, којашто на моменти изнесуваше и повеќе од 20%“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

