Македонија
Мицкоски: ЈСП да го поништи тендерот за нафта и да распише нов на кој ќе учествуваат повеќе компании
Што се однесува до Град Скопје, мојот совет и до Ковачевски и до Арсовска е кога ќе се среќаваат тајно наместо да договараат провизии од рабатот кој што треба да го добие Јавното сообраќајно претпријатие да најдат начин да го решат проблемот затоа што секојдневно скопјани се жртви на оваа пинг понг коалиција која што ние ја нарековме коалиција на хаосот. Затоа, следната средба, еве јавно ги замолувам пред македонската јавност, пред скопјани, тајна јавна каква и да е, да договорат, има начин како се договара тоа. Прво, или владата да обезбеди пари преку трансфер или позајмица до Град Скопје и тие да ги исплатат обврските кон приватните превозници или втората е наместо парите да завршуваат кај луѓе кои што се блиски до СДСМ, роднини на Арсовска или луѓе од сметководствениот бизнис, од рабатот за нафта која што ја набавува ЈСП, да завршат во ЈСП за да ги исплати обврските кон приватните превозници, изјави денеска, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој исто така истакна дека доколку Арсовска им мисли добро на скопјани треба да го поништи постоечкиот тендер за набавка на нафта во ЈСП на кој не е понуден рабат и на новиот тендер да се повикаат сите компании кои тргуваат со нафта во Македонија, па наместо парите од рабатот кој треба да го понудат компаниите да завршува во нечиј џеб, да останат кај граѓаните.
„Слушнав некои бледи оправдувања во текот на вчерашниот ден на некој од порталите дека во минатото имало рабат, сега нема била тешка година и така натаму. Еве јас јавно повикувам сите оние кои што се занимаваат со трговија на нафта и нафтени деривати, оние кои што носат мазут и во РЕК Битола и во ТЕЦ Неготино, да се пријават на новиот тендер откако истиот ќе го поништи ЈСП-Скопје. Тоа е начинот. Поништете го тендерот ако овој не сака да дава рабат или пак да не завршува кај вас во џеб, поништете го тендерот, распишете нов и да ги повикаме сите компании во Македонија да учествуваат на новиот тендер и јас ви гарантирам дека ќе учествуваат и ќе има рабат. Многу едноставно треба тоа да биде и може веднаш уште утре да се направи, но некој сака двогодишен договор на 1 милион и 450 илјади литри нафта да заработи повеќе од милион ипол евра. Толкав е рабатот милион ипол евра. Ако вие навистина добро му мислите на градот, прво нема зошто да потпишувате две години, ќе потпишете еве на три месеца и ќе барате компании јавно да се јават на тендерот и да понудат рабат. Еве јас јавно ги повикувам сите компании, ќе го следиме тендерот, ако нормално ЈСП го поништи овој постојниот и објави нов, да нема никакви можности за манипулација и парите да останат за граѓаните, а скопјани да ги спасиме од овие непринципиелни договарања на коалицијата Арсовска-Ковачевски“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По роденденот на ВМРО-ДПМНЕ следува реконструкција на Владата
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека по одбележувањето на партискиот роденден на 17 јуни во Струмица, ќе започнат официјалните разговори со коалициските партнери за реконструкција на Владата.
„Следната недела после роденденот којшто ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, после тоа почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски.
Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската СДСМ дека Владата форсира предвремени избори бидејќи ги „потрошила државните пари“, премиерот оцени дека таквите тврдења се нелогични. Тој потенцираше дека партијата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните и дека целта е редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но нагласи дека се подготвени за избори доколку бидат предизвикани.
„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, кажа Мицкоски.
Прашан за коментар околу најавите за наводно повлекување на Али Ахмети од лидерската позиција во ДУИ, Мицкоски одби да коментира, истакнувајќи дека станува збор за внатрепартиски работи во кои не сака да се меша.
Македонија
Еврокомесарката Марта Кос на почетокот на јули доаѓа во Скопје
Еврокомесарката за проширување Марта Кос на почетокот на јули ќе ја посети Македонија.
Во фокусот на разговорите се очекува да биде новиот нон-пејпер на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Овој документ предвидува модел за забрзана и постепена интеграција на земјите кандидатки во ЕУ, што отвора нови можности за динамизирање на процесот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека посетата на Марта Кос е дел од нејзината редовна регионална турнеја и оцени дека таа претставува уште една потврда за интензивната комуникација на Владата со европските партнери.
„Според опозицијата Владата била изолирана, а како таква изолирана јас во рок од два месеци остварив билатерална средба со турскиот претседател, со францускиот претседател и со германскиот канцелар. На билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев на билатерална посета кај австрискиот канцелар и претседателот на Европскиот совет беше тука во Скопје – сето тоа за само два месеца“, изјави Мицкоски.
Доаѓањето на комесарката Кос во Скопје следува непосредно по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, во период кога повторно се актуелизира прашањето за деблокада на македонскиот пат кон Унијата.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Слугувањето на Филипче на официјална Софија му се удира од глава
„Венко Филипче и раководството на СДС заслепени од желбата за власт, а поради неможноста да дојдат до истата, бидејќи само тонат за што има и податоци, решително се ставија на страната на официјална Софија“ – ова денеска на прес-конференција го изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Тие како и да не разбираат дека токму држењето на оваа страна и слугувањето на софиското раководство се причината за нивното тонење. Дали е можно некој да е подготвен до тој степен да распродаде се свое, се македонско, дали е можно некој безусловно да прифаќа диктати од официјална Софија за внесување на Бугари во Уставот, притоа знаејќи дека барањата не сопираат тука, односно дека истите удираат и по македонскиот идентитет, историја. Да, можно е, и на тоа сведочиме секојдневно, го гледаме Филипче како слугува на официјална Софија, кој се однесува како специјален претставник на бугарската политика во Македонија. Токму тоа го гледаме од човекот кој може да се нарече секако само не политичар кој се грижи за Македонија и граѓаните. Полтронскиот однос на Филипче кон Бугарија му се удира секојдневно од глава“, кажа Петрушевски.
Пратеникот нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја става сопствената држава пред сè останато.
„За разлика од Филипче и раководството на СДС, ВМРО-ДПМНЕ јасно ја става сопствената држава Македонија пред се останато. Потоа јасно работи за доброто на секој еден граѓанин во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ јасно чекори кон исполнување на европските вредности, нивната секојдневна употреба“, заклучи Петрушевски на денешната прес-конференција.
