Македонија
Мицкоски: 500 милиони евра се потребни за општините и бизнисот и додека сум јас премиер, државата нема да биде ставена во подредена положба
Премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета одговараше на новинарски прашања поврзани за заемот од 500 милиони евра и за критиките на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека со ова Македонија станува зависна од Унгарија за што рече дека тие средства се потребни за финансирање проекти на општините и поддршка на бизнисот и додаде дека додека тој е премиер, никогаш нема да ја доведе Македонија во подредена положба и никогаш нема да зависи од друг суверен, освен од нејзините граѓани.
„Гледам дека таму се натпреваруваат кој да биде пожесток во плукањето кон мене и кон Владата, од претендентите и од новоизбраниот претседател на СДСМ. Тоа е фолклор, нивен внатрешен, и јас не би го коментирал. Оваа држава може да биде зависна само од своите граѓани. Додека јас сум претседател на Владата, никогаш нема да дозволам да зависиме од некој друг. Можеме да зависиме само од граѓаните. Тие нѐ плаќаат и за нив работиме. Плата земаме од буџетот, кој го полнат граѓаните, и тие имаат полно право да ни кажуваат што да работиме и ние ќе им кажеме што можеме и што не можеме“, потенцира Мицкоски и додаде:
„Додека сум јас, ќе повторам премиер, никогаш нема да ја доведам Македонија во подредена положба и никогаш нема да зависи од ниеден друг суверен, освен од граѓанинот“.
Мицкоски исто така потенцира дека 500-те милиони евра се потребни за општините и за бизнисот, односно 250 милиони евра за финансирање проекти на општините, што е многу важно за граѓаните, и 250 милиони евра под исти услови ќе им бидат дадени на бизнисот.
„250 милиони евра се за бизнисот и за фирмите и велиме еве 250 милиони евра за бизнисот и за фирмите бидејќи условите што тие ги имаат на пазарот се најмалку двапати полоши. 6, 6,5 – 7 % камата, без грејс период, пократок период на отплата. Практично денеска е доведен така системот во бизнисот да добива кредит само оној на кој не му треба. На оној што не му треба кредит, тој добива, а на оној што му треба, не може да добие бидејќи од сертификат за раѓање, па до последно му бараат, за жал, кога ќе поднесе барање за кредит. Еве ние велиме, еве поддршка од нас е ова како држава, како Влада, веднаш на почеток. Која е вашата обврска? Вашата обврска како бизнис е барем уште толку да имате средства, кои на овие 250 милиони вие ќе ги инвестирате, а тоа се половина милијарда инвестиции, да обезбедите годишно најмалку пет илјади нововработени и да обезбедите раст на вашето производство 5 % над стапката на инфлација. Ова се условите, таа е обврската што ќе ја бараме од бизнисот“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Од Ристиќева палата до ретро игранка, Центар вечерва го оживува старото скопското корзо
Општина Центар во соработка со Здружението на пензионери на општина Центар вечерва, со почеток од 19:00 часот, го организира настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“.
Настанот ќе започне од Плоштадот „Македонија“ со симболична прошетка низ старото скопско корзо, а потоа продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов“ каде ќе се одржи свечена игранка.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати покана до сограѓаните да дојдат на настанот и да го почувствуваат шармот на некогашните променади низ центарот на Скопје.
„Ќе прошетаме покрај Ристиќева палата, поранешниот хотел „Македонија“, „Кенан“, „Ванила“ и „Громби“ – местата каде што се создаваа најубавите спомени. Ќе се потсетиме на златните скопски времиња, кога корзото беше центар на светот, место каде што се раѓаа првите симпатии и љубови, а еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон“, порача Герасимовски.
И Активот на жени пензионери на Општина Центар упати покана до пензионерите и од другите општини да се приклучат на ова ретро дружење.
„Ова е прекрасна можност повторно да се сретнеме, да прошетаме по некогашното корзо и да ги разбудиме спомените од младоста. Дружењето ќе продолжи во свечената сала на ООУ „Димитар Миладинов“ (поранешно „Браќа Рибар“), со игранка и евергрини со диџеј, кои ќе нè вратат во едно поинакво Скопје и ќе ги разбудат емоциите што сè уште живеат во сите нас“, порачуваат пензионерите од Центар.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг
На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што ќе се одржи во Хелсингборг, Кралството Шведска, од 21 до 22 мај 2026 година.
Во рамки на состанокот, министрите ќе дискутираат за прашања поврзани со инвестициите во одбраната, состојбите во Украина, развојот на одбранбената индустрија, како и за други актуелни регионални и глобални безбедносни предизвици.
Разговорите ќе се одвиваат и во контекст на подготовките за Самитот на НАТО во Анкара, што ќе се одржи во јули оваа година, на кој се очекува да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата.
Во рамки на посетата, на покана на министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенергард, министерот Муцунски ќе присуствува на прием за министрите во присуство на кралот Карл XVI Густаф и кралицата Силвија на Шведска, а предвидено е да оствари и повеќе билатерални средби.
Македонија
Без струја денеска делови од Ѓорче Петров и Петровец
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
-во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улицата 31, 102 и 103 во Волково, општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 11.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Катланово, влез на Катланово и Регионалниот пат, општина Петровец.
