Македонија
Мијалков до инженерот од УБК: Како од 20 илјади таргети стисна токму на Велија

Сашо Трајковски, началник на сектор за комуникации во УБК, во денешното сведочење во кривичниот суд за случајот „Таргет-Тврдина”, кој се однесува на нелегалното прислушување, изјави дека по усна наредба на обвинетиот началник на УБК, Горан Грујевски, во 2015 година изготвил извештај за системот за прислушување ,,Најс” каде пишува дека повеќе не е во состојба да следи телефонски и интернет-комуникации и со оглед на тоа треба да биде уништен.
Извештајот бил напишан на 17 февруари 2015 година, а системот ,,Најс” е исклучен на 27 март истата година. Една година подоцна опозицискиот СДСМ ги објави првите нелегално прислушувани разговори од овој систем за следење на комуникации.
Според Трајковски, не било нужно да дојде до промена на целиот систем и истиот да биде уништен, туку тој проблем можело да се реши и со замена на еден од серверите, но тоа, како што вели, не е одлука на инженерите, туку на директорот и на министерството.
Обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, го праша Трајковски како успеал да констатира дека нелегално се прислушува во Управата.
На ова Трајковски одговори дека тоа било сосема случајно по дојава за проблем во системот. Почнал да го сервисира системот и со цел да провери дали е сΦ во ред притиснал на таргет со име ,,Лијаве”. Снимената комуникација започнала со емитување по што соговорникот на почетокот се обратил со ,,господине Рамковски”. По ова Трајковски сфатил дека станува збор за Велија Рамковски и дека истиот се прислушува без судска наредба.
По ова Мијалков гo праша Трајковски зошто воопшто ,,чепкал” каде што не му е место и како тоа од 20 илјади таргети стиснал токму на Велија Рамковски. Трајковски одговори дека случајно го избрал таргетот ,,Лијаве” и дека покрај сервисирањето, негова должност е да не се дозволат хакерски упади и поставување таргети без судска наредба.
Според обвининието, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На г. п. Табановце и г.п. Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Македонија
Без струја неколку улици во Скопје

Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје, по добиеното известување „ЕВН Македонија“, ги известува граѓаните дека поради веќе закажани тахнички зафати во системот, без електрична енергија ќе останат:
– од 9 до 12 часот улицата Христо Татарчев – подулица 22 (о. Кисела Вода);
– од 9 до 13 часот дел од улицата Иван Цанкар (о. Карпош);
– од 10 до 12 часот дел од улицата Востаничка, непарни броеви околу бројот 13-б (о. Кисела Вода);
– од 10 до 13 часот улицата Каирска (о. Карпош) и
– од 12 до 15 часот дел од с. Горно Соње, местото наречено Под Црква (о. Сопиште).
Македонија
Без вода дел од корисниците на Радишани

Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје, по добиеното известување од ЈП „Водовод и канализација“, ги известува граѓаните дека денеска, поради дефект на затворач ф-80 мм на улицата Скоевска бр. 17 (во Радишани), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од оваа улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 8.30 до завршување со санација на дефектот (општина Бутел).