Македонија
МНР започна процес за безвизен режим на Северна Македонија со САД

Во врска со објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2022 година изнесувал 26,29%, Министерството за надворешни работи информира дека започнало процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program).
Имено, со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД.
Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3%.
Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30% се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД.
Процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес, што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година.
Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји, се вели во соопштението од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.