Македонија
МНР за протерувањето на македонскиот дипломат во Русија: „Потегот е неоснован и негативно ќе се одрази на односите“

Како неоснован потег, Министерството за надворешни работи го оцени протерувањето на в.д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска.
„Одлуката на руското Министерство за надворешни работи за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, наведе МНР во реакцијата.
Оттука додаваат дека во амбасадата во Москва останува да ги извршува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги поминал сите чекори за упатување.
В.Д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во руското МНР, каде ѝ била врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“, информираа преку социјалните мрежи од амбасадата на Русија во земјава.
„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ‘персона нон грата’ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, појаснуваат од руското дипломатко претставништво.
Случајот од август беше втор случај годинава руски дипломат да биде протеран од државата.
Министерот Бујар Османи во таа пригода рече дека информацијата е од доверлив карактер и не може да даде детали за причината за протерувањето.
Претходно на 18 мај годинава Северна Македонија прогласи друг руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Тогаш, Русија возврати на 10 јуни соопштувајќи дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаревски: Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија

Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не можат да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
„Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес“, вели Гаревски за „Макфакс“.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување, имајќи во предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
„Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес кој го имало се случил во 1939 година во градот Езерџан со магнитуда 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед близу Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше страотна како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби“, додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја в предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
„Засега бројот на жртви, официјално е 1500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но имајќи ја во предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но дај Боже да грешам“, посочува професорот.
Според Гаревски во регионот околу земјотресот во Турција, очекувани се афтершокови чиј интензитет ќе се намалува.
Македонија
(Видео) Пендаровски и унгарската претседателка Новак положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамките на официјалната посета на претседателката на Унгарија, Каталин Новак, на Македонија, денеска претседателот Пендаровски и претседателката Новак положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски во претседателскиот кабинет, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, ја пречека претседателката Новак, а по одржаната тет-а-тет средба и пленарниот состанок на официјалните делегации, се одржа заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и претседателката Новак.
Македонија
Славески свика итен состанок на координативното тело за испраќање помош во Турција и Сирија

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во договор со советничките групи и градоначалничката Данела Арсовска свика состанок на координативното тело на Советот, на кој ќе се согледаат сите можности за испраќање хуманитарна помош за семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.
Како што информира Славески, Советот ќе донесе одлука на итна вонредна седница, што ќе се закаже во најкус можен рок.
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Молитвите во овие тешки моменти се со пријателските народи на Македонија, кои се зафатени од разорен земјотрес“, порача Славески.