Македонија
МНР најавува реформи: Повеќе професионални дипломати на чело на амбасадите
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска најави значителни измени на Законот за надворешни работи, со кои ќе се зголеми процентот на амбасадори од редот на професионалните дипломати во Министерството.
„Предлагаме зголемување на процентот на амбасадори од редот на професионалните дипломати од една третина на најмалку една половина,“ истакна Муцунски.
Со измените, како што објасни министерот, се враќа четиригодишниот мандат на амбасадорите наместо досегашните три години. Оваа промена е поттикната од честата ротација, која предизвикувала потешкотии во адаптацијата во земјите на приемот и дополнителни трошоци за Министерството и државниот буџет.
„Четиригодишниот мандат овозможува поголема стабилност и ефикасност,“ додаде тој.
Одредбата за именување амбасадори надвор од Министерството, кои со своето општествено и културно делување оставиле трага, исто така, претрпува измени.
„Се предвидува од оваа група да доаѓаат најмногу половина од амбасадорите,“ објасни Муцунски.
Законот исто така го допрецизира учеството на Собранието во процесот на именување амбасадори.
„Со оваа измена, ќе се спречи можноста претседателот на државата да потпише указ без соодветна процедура во Собранието,“ изјави министерот, посочувајќи на претходните примери на непочитување на законските процедури.
Предложените измени предвидуваат корекција на коефициентите за плати и животни трошоци на дипломатите во странство.
„Со години платите и предвидените кирии за дипломатите стагнираат, што предизвикува потешкотии,“ нагласи Муцунски.
Муцунски истакна дека измените вклучуваат и усогласување на Законот со новите надлежности на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на трговијата и инвестициите.
„Овие измени обезбедуваат правна основа за Министерството да ги преземе обврските за креирање политики во делот на трговијата и инвестициите,“ рече министерот.
Заклучувајќи, Муцунски нагласи дека измените ја зајакнуваат професионализацијата на дипломатската служба и отвораат пат за поефикасно делување на државата на меѓународната сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Скопје
Без вода дел од Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.