Македонија
МНР реагира: Нашите недостатоци се поради нестручноста на претходните министри од ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ за работата и активностите на дипломатијата на Македонија, Министерството за надворешни работи го пренесува следното:
„Министерството денес се соочува со сериозни системски недостатоци кои се резултат на долгогодишнo нестручно работење и длабоко партизирираниот пристап во водењето на институцијата во времето кога со МНР раководат министри од ВМРО-ДПМНЕ. Со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината.
Изминативе години, во работењето на институцијата за прв пат не е важно партиското убедување на дипломатите кои со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши. Покрај тоа, во овој иминат период под секое ниво биле сведени стручноста и непристраната работа на дипломатите и амбасадорите. Во тој период, за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари и слично – со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите.
Дополнително би сакале да нагласиме дека досегашниот дипломат и синдикален лидер, Дабиќ, за жал целосно ги напушти принципите на дипломатијата, и уште повеќе, оние на синдикалното здружување. Постапувајќи строго според партиските амбиции, не само што го нарушува угледот на дипломатијата, туку ги загрози и можностите на вработените за вистинско синдикално претставување.
Од почетокот на мандатот на актуелниот министер, вработувањата, унапредувањата и испраќање на мисии се врши преку интерни огласи, согласно законските процедури, а овие активности се вршат според мерит-системот, почитувајќи го и принципот на етничка и родова дистрибуција.
Секој вработен имал и има можност покрај секојдневните обврски во Министерството, да биде вклучен во бројните работни групи и проекти изминатите две и пол години, неврзано за партиски, етнички или било какви други поделби, за што можат да посведочат самите вработени.
За крај би сакале да нагласиме дека денешното гостување на поранешниот амбасадор Дабиќ се случува само неколку дена по неговото заминување во пензија и не во стручна, објективна дебата туку на партиски собир, од каде малку е веројатно дека ќе се добие објективна слика за дипломатијата на Северна Македонија. Со ова тој само потврди дека неговото делување како претстедател на еден од синдикатите во МНР било мотивирано само од партиски и политички цели, а не од професионални и дека целта на тоа делување не било подобрување на условите за вработените во МНР туку негова лична промоција и себичен интерес, како и спроведување на интересите на политичката партија на која очигледно и припаѓа.
Министерството дополнително ќе достави детали до јавноста за работата на куќата во времето кога со МНР раководеле кадри на ВМРО ДПМНЕ. Во меѓувреме апелираме Дабиќ да престане да се занимава со институцијата, која беше системски уништена токму во времето на партијата со која денес јавно дебатираше. Синдикалното работење не подразбира да се добијат партиски насоки надвор од куќата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Интерпол ја бара исчезната Вања

На барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за ичезнатата Вања Ѓорчевска од страна на Интерпол.
Од МВР информираа дека за решавање на случајот и пронаоѓање на 14-годишното девојче е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.
„Податоците за исчезнатото лице на 28 ноември во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол“, велат од МВР.
Се додава дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.
Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’“, објави МВР.
Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
Семејството и полицијата постојано апелираат да не се споделуваат дезинформации на социјалните мрежи и во медиумите кои ја попречуваат истрагата и го вознемируваат семејството на исчезнатото девојче.
Македонија
МВР: Не е вистина дека Вања е најдена во соседна држава

Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите објавени на „Курир“ дека 14-годишната В.Ѓ., за која на 27 овој месец беше пријавено дека исчезнала, наводно е пронајдена во соседна држава.
Од МВР преку допис до медиумите велат дека станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни „извори од истрагата“, а притоа со Одделот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи воопшто не била направена задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од страна на родителите на малолетничката да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата.
„Како што МВР редовно информираше деновиве, за решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол“, велат од МВР.
Се додава дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.
Македонија
Левица: Со карти на Голема Албанија во основно училиште во Струга се навредуваат Македонците

Скандалозни фотографии со иредентистичка содржина се објавени на страната на ООУ ,,Браќа Миладиновци”. На слики од Голема Албанија се фотографираат наставниците покрај децата, што претставува отворен сепарационизам и понижување на македонскиот народ, велат од политичката партија Левица.
„Од фотографиите кои ги доби Левица, евидентно е дека ваквите скандалозни слики стојат со години во училниците. Во ова основно училиште, ВД директор е ЛАУРА ШАТЕ, за која постојат сомневања дека е незаконски назначена од страна на Рамиз Мерко.
Очаен е молкот на анти-македонската СДС, која е поданички поставена пред дивеењето на ДУИ. Левица бара итно разрешување на директорката Шате, како и отстранување на иредентистичките слики. Левица ќе поднесе и Претставка до Државниот просветен инспекторат, со цел да се санкционира ваквото скандалозно однесување, како и да се испита постапката на кој начин е поставена ВД директорката. На анти-македонското дивеење на ДУИ мора да му дојде крај!“, додаваат од патијата во допис до медиумите.