Македонија
МОН: Новиот закон ќе обезбеди учебници без грешки, нелогичности и стереотипи

Министерството за образование и наука тврди дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјал, кој е дел од планот за реформа на националниот образовен систем, е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник.
МОН во допис до медиумите наведува дека воспоставувањето систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и Северна Македонија.
„По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења. Дигитализацијата, пак, ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедиални содржини – филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година. Но, имајќи ја предвид автономијата на наставниците во изборот на материјали и средства за настава, тие можат да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, односно училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници“, велат од МОН.
Материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудио формат.
МОН заклучува дека инклузивноста е основен принцип врз кој е создадено новото законско решение, кое меѓудругото ќе обезбеди и учебници без грешки, нелогичности и стереотипи, како и содржина која ќе биде напишана на авторски јазик разбирлив за учениците и соодветната возраст на учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Насилството на антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја покажува нивната вистинска цел

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието; соопшти СДСМ.
„ Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи.
Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице.
Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника.
СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме“ порачаа од владејачката партија.
Македонија
Секуловски: На овие собири заеднички именител е гневот кон ненародната власт

На вечерашниот протест против францускиот предлог кој вечерва се одржа на неколку локации во Скопје, пред Собранието на присутните се обрати и Бранко Секуловски, поранешен професор и поранешен судија.
Тој посочи дека на ваквите протести, заеднички именител е гневот од ненародната политика на извршната власт и помеѓу другото, предлогот во врска со спорот со Бугарија.
„ Како правник, кој целиот свој живот го изучувал и спроведувал правото и правдата, дозволете ми да се осврнам на некои правни аспекти од тој договор и од францускиот предлог. Да ве потсетам, се започна уште пред повеќе од две децении со потпишувањето на првиот договор за добрососедски односи со Бугарија. Со тоа сценарио, бугарската страна требаше да испорача одредени барања, меѓутоа преовлада сервилноста нашата страна, на преговарачите од Република Македонија така што, како се одвиваше времето, бугарските барања беа се поголеми а сервилноста на македонските политичари се поголема.
Така дојде до продолжување на оваа Одисеја за да се финализира со капитулантскиот Договор од 2017 година, потпишан од нобеловецот од село Муртино. На сегашните преговарачи од извршната власт им остана само тоа дисциплинирано да го извршат. Ако ја погледнеме генезата на настаните, ќе видиме дека политичките гарнитури во Бугарија се менуваа, а во Македонија останаа истите.
Почитувани граѓани, како течеше времето, овие договори се помалку личат на договори а се повеќе беа еднострани. Правно договорите се двострани и теретни, ова нема никаква врска со тој договор затоа што нивните се се поголеми, а нашите барања помали“ додаде Секуловски.
Македонија
Весна Петрушевска: Македонскиот јазик е нашата тврдина, со него ние војуваме

Прво, општествена одговорност е секој културен работник, актери, музичар да дојде и да говори дека имаме само еден јазик, а тоа е македонскиот, вели актерката Весна Петрушевска на денешниот протест „Ултиматум – НЕ, благодарам“ пред Собранието.
Петрушевска нагласи дека никој нема право да преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик бидејќи, како што рече таа, тоа е нашата тврдина.
„Не може никој да преговара за нашиот идентитет, македонскиот јазик е нашата тврдина. Со македонскиот јазик ние војуваме. Ние сме супер народ, ние сме само обесправени“, изјави таа.
Петрушевска истакна дека овој протест е за борба за Македонците и за македонскиот јазик.
„Затоа денеска сум тука и не ме спречи ниту дождот, ниту времето ниту грмотевиците. Ова е борба за нас, за Македонците и за нашиот јазик“, порача Петрушевска.