Македонија
МОН: Таравари да не го злоупотребува образованието во политички цели
Градоначалникот на Гостивар обврската за појаснување на неговите дејствија и активности спротивно на законот и процедурите ја заменува со дезинформации, шпекулации и со скандалозна злоупотреба на последните трагични настани.МОН изразува длабоко жалење за рецидивното незаконско однесување на градоначалникот на Гостивар, коешто континуирано ги оштетува учениците, наставниците, родителите и генерално граѓаните на Гостивар, се вели во реакцијата на Министерстото за образоание и наука.
„Вистината е во тоа дека по извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за образование во општина Гостивар, беа констатирани идентични неправилности, за коишто еднаш на Општина Гостивар ѝ беа одземени надлежности во областа на образованието. Поради оваа причина, МОН е должна да ги преземе сите неопходни мерки што ги налага законот, во насока на привремено одземање на надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување директори на општински средни и основни училишта.
Поточно, тоа што беше констатирано во оваа општина е следното: непочитување на законските одредби од страна на градоначалникот во постапките за назначување и разрешување на директорите на основните и средните училишта; разрешувањата на директорите, според она што е констатирано од страна на Државниот просветен инспекторат, биле извршени без процедури предвидени со закон, додека назначувањето на новите директори не само што не ги исполниле условите и критериумите за овие позиции туку биле извршени со непочитување на постапките предвидени со закон.
Исто така, се констатираа состојби кога одредени директори беа разрешени дури во два наврати од страна на градоначалникот, и тоа, првиот пат без да се почитуваат постапките и по забелешките на Инспекторатот, Таравари ги врати на должност за истите да ги разреши по шест дена, без почитување на постапката. По првото разрешување на директорите, Инспекторатот утврди дека се именувани директори кои не ги исполнуваат условите согласно со законот и истите лица, коишто не ги исполнувале условите, биле повторно именувани како директори дури и по второто разрешување на законски избраните директори”, наведува МОН.
,,Со жалење можеме да констатираме дека сето ова е само повторување на состојбата од претходната година, кога на истата општина ѝ беа одземени надлежностите од истите причини. Овие надлежности ѝ беа вратени на Општина Гостивар од страна на МОН кога беа отстранети неправилностите. И, повторно, по враќање на надлежностите за образование во оваа општина и на нејзиниот градоначалник, имаме повторување на законски прекршоци.
Сакаме да упатиме апел до Општина Гостивар, градоначалникот на оваа општина и до нејзиното раководство да не обвинуваат само заради нивните политички цели, да не ја вклучат политиката во воспитно-образовниот процес, бидејќи во оваа ситуација штета се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес.Преземените мерки од страна на МОН се со дефинирани рокови, во рамки на кои ќе се отстранат неправилностите, велат од Министерство за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.