Македонија
Мрежа за заштита од дискриминација: Народниот правобранител повеќе да им верува на жртвите, отколку на полицијата
Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е од исклучителна важност Народниот правобранител соодветно да постапува во случаи на дискриминација и вознемирување, отколку да има поголема верба во исказите на полициските службеници.
„Народниот правобранител не верува на исказите од страна на жртвите и во известувањето за запирање на постапката без никакво образоложение само ги пренесува одговорите на МВР. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања од страна на полицијата, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од страна на Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита”, се вели во соопштението.
Мрежата во која членуваат неколку организации информира дека во октомври до Народниот правобранител поднесена беше претставка против МВР за случај на дискриминација и вознемирување од страна на гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет. Во случајот се работи за две транс-жени од Турција кои биле вознемирувани од страна на граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје. Двете транс-жени ја имаат почнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е „М“ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната транс-жена ѝ кажал дека бил во Истанбул и видел „луѓе како неа“.
„По поднесената претставка, Народниот правобранител достави известување во кое наведе дека доставил барање со укажување до Секторот за гранични работи и миграција во кое ги навел наводите од претставката и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични полициски службеници во насока на нивно сензибилизирање. Народниот правобранител препорачал и преземање мерки за запознавање на сите службеници со соодветната домашна и меѓународна пракса што се однесува на забрата на вршење на дискриминација по кој било основ. Дополнително во известувањето е наведено дека од страна на МВР добиен е одговор на претставката со кој Народниот правобранител бил известен дека биле извршени регуларни проверки на патни исправи и со трансжените се постапувало учтиво, а бидејќи се работи за несовпаѓање со изгледот, било направено верифицирање со друг службеник.
Согласно со известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родов идентитет и само укажува за потребата од тренинзи за сензибилизација кон „овој тип лица” и препорачува преземање мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминација. Народниот правобранител не ги зема предвид наводите дека транс-жените биле изложени на исмејување и недолични коментари од неколку службеници и дека не се работело само за проверка и верификација од надреден службеник како што е наведено од МВР. Имено, со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на транс-жените. Со тоа што ги повикувале своите колеги за да ги видат пасошите и транс-жените, го повредиле и правото на приватност и ги изложиле непотребно на исмевање кое резултирало со повреда на достоинството”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.
Македонија
(Видео) Битиќи од Чучер Сандево: На 8 мај гласовите се бројат од нула – сите прогресивни сили ќе гласаат против ксенофобијата на ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателот на СДСМ и ко-носител на парламентарната листа во изборна единица 2 на „Коалицијата за европска иднина“ вечерва се обрати на централниот митинг во Чучер Сандево од каде порача дека не постои разлика која е недостижна.
„На 8ми мај, се почнува од почетокот, гласовите ќе се бројат од нула. Борбата не е завршена. Секој од нас има втора шанса да се вклучи енергично, со верба во себе и во СДСМ и да го промени текот на настаните. Ова од нас го бараат нашите деца, нашата држава, ова го бараат за да им ја заштитиме иднината“, кажа Битиќи
Дополнувајќи дека е потребен поглед напред, кон визијата за просперитетна и сплотена Македонија, членка на ЕУ, со силен економски раст и општество во кое секој граѓанин е третиран и ценет подеднакво.
„Една работа е јасна од првиот круг на претседателските избори, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска го достигнаа својот максимум на гласови, го достигнаа плафонот. Повеќе нема што да бараат, ниту да очекуваат од граѓаните на 8ми мај. Толку можат, ништо повеќе. А тоа не е доволно за победа на претседателските избори. Ве уверувам дека со оваа реторика која што ја има ВМРО-ДПМНЕ, со ксенофобијата на Гордана Силјановска Давкова не постојат гласови од албанскиот електорат кои тие ќе можат да ги добијат во вториот изброен круг на претседателските избори. За разлика од нив, пред нас е хоризонтот на гласови кон кој треба да се движиме на 8ми мај“, истакна Битиќи
Тој се осврна на фактот дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите. На Македонците, Албанците, Србите, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите – на сите кои се борат за европска држава.
„Упатувам повик за будење на сите прогресивни сили во нашата земја. Време е за уште повеќе средби со граѓани, да работиме за поголема поддршка, да ја испратиме нашата порака до секој еден граѓанин. Не е време за повлекување, за откажување. Обединети сме и ќе застанеме заедно – нема да дозволиме никој да ни ја раздели партијата или државата. Не се откажуваме ни од иднината а ниту од прогресивноста на заедништвото!“, истакна Битиќи.