Македонија
Муртезани во Киев потпиша Меморандум за соработка со Украина

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Киев оствари средба со заменик претседателката на Владата на Украина, задолжена за европски и евроатлантски интеграции, министерка за правда и главен преговарач за членство на Украина во ЕУ, Олга Стефанишина. Во фокусот на средбата беше потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Северна Македонија и Украина за прашања поврзани со интеграцијата во Европската Унија, за што назначени како потписници во името на Владите на двете земји се нивните главни преговарачи со ЕУ, Муртезани и Стефанишина.
На средбата беше потенцирана важноста на европската интеграција како стратешки приоритет за двете земји. Министерот Муртезани потенцираше дека процесот на проширување мора да остане кредибилен и базиран на заслуги, за да обезбеди стабилност и напредок.
„Северна Македонија ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија, а оваа посета го потврдува нашиот заеднички стремеж кон европските вредности. Процесот на пристапување кон Европската Унија не треба да биде исклучив, туку инклузивен и базиран на заслуги, овозможувајќи и на Украина и на земјите од Западен Балкан правична шанса за напредок. Единството и солидарноста меѓу нашите народи се клучни за градење силна и обединета Европа,“ – истакна МЕП Муртезани.
Соговорниците констатираа дека Меморандумот за разбирање е значаен чекор во градењето на поблиска соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаење и искуства кои ќе придонесат за поуспешно остварување на заедничките цели за членство во Европската Унија. Министерот Муртезани изрази подготвеност Северна Македонија да го сподели своето искуство од пристапниот процес со Украина, нагласувајќи дека размената на добри практики ќе биде од исклучително значење. Меморандумот опфаќа размена на искуства и знаења во различни области, вклучувајќи законодавство, судски реформи, борба против корупција и организиран криминал, како и промоција на европските вредности. Страните се обврзуваат да соработуваат во унапредување на институционалните капацитети, како и да разменуваат експертиза за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Меморандумот исто така предвидува организирање на заеднички настани, обуки и иницијативи за поддршка на европската интеграција на Украина и Северна Македонија.
Заменик-претседателката на Владата на Украина, Стефанишина, изрази благодарност за континуираната поддршка од Северна Македонија, посочувајќи дека заемната соработка е од суштинска важност за европската перспектива на двете земји. Таа истакна дека Украина гледа на Северна Македонија како партнер и пријател во евроинтегративниот процес.
На средбата се разгледаа и можностите за продлабочување на регионалната соработка преку заеднички проекти и иницијативи, особено во области каде преку тесна соработка би можеле да се зајакнат напорите на двете земји за пристапување во Унијата. Муртезани и Стефанишина се согласија дека унисониот пристап во решавањето на заедничките предизвици и искористувањето на можностите што ги нуди процесот на интеграција во ЕУ, се од круцијална вредност како за Украина, така и за Северна Македонија. Тие ја подвлекоа заемната посветеност за координирано делување во унапредувањето на стабилноста, растот и европските вредности во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) „ДПМНЕ потврди дека Мицкоски троши иладници евра за лајкови, 60.000 евра потрошил само тој досега“, вели СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ потврди дека Мицкоски троши илјадници евра месечн за лајкови на Фејсбук. Додека граѓаните едвај преживуваат во услови на енормни поскапувања, додека нема пари за поголеми плати и додека нема лекови, Мицкоски троши илјадници евра на Фејсбук за лајкови“, вели СДСМ.
„Само една од неговите реклами чини 600 евра – сума поголема од минималната плата што самиот им ја „препорачува“ на граѓаните како доволна за цел месец.
Трошоците во изминатиот период покажуваат дека Мицкоски потрошил над 60.000 евра за рекламирање на Фејсбук.
Овој расипнички однос е доказ за огромното лицемерие и аздианост на оваа власт.
На Мицкоски приоритет му се лајкови на неговите слики и видеа на Фејсбук, додека народот се бори како да го истурка месецот.
Ваквиот однос само потврдува дека за оваа власт граѓаните се на последно место“, соопшти СДСМ.
Македонија
Пратениците да покажат доблест и да го поддржат законот за ограничување на патни трошоци, повика партијата Левица

„Во изминатите четиринаесет години, пратениците од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ си ги наполнија џебовите со вртоглави шест и пол милиони евра народни пари преку злоупотреба на патните трошоци! Затоа Левица поднесе Предлог – закон за ограничување на патните трошоци кој задутре, на 12 февруари, ќе биде ставен на Дневен ред на собраниската седница“, велат од партијата Левица.
„Ги повикуваме сите пратеници кои тврдат дека работат во интерес на граѓаните, да застанат зад оваа мерка, да го поддржат Предлог – законот за ограничување на патните трошоци и да стават крај на грабежот! Законот предложен од Левица е со методологија за пресметка на надоместокот за патни трошоци – ограничен на реалната потрошувачка од 6,5 литри гориво на 100 километри.
Реалноста е дека во изминатите четиринаесет години со тие шест и пол милиони евра народни пари, можеше да се изгради целосно нова болница, да се обноват сите студентски домови во земјава или да се изградат 10 нови градинки.
Левица е единствената партија која никогаш нема земено ниту денар по овој основ и веќе два мандати се бори да ја запре оваа пракса. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, политичките елити бесрамно го исцрпуваат буџетот преку криминални патни налози и фиктивни километражи.
За потсетување, во минатиот мандат пратениците од Левица се обидоа да ја запрат оваа клептоманска практика на политичките елити со предлог-закон за ограничување на патните трошоци на ниво на автобуски билет, но тој предлог беше одбиен од мнозинството“, соопштуваат од партијата Левица.
Скопје
(Фото) Опожарени два контејнера во населбата Серава

Во текот на минатата недела, непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава, во општината Чаир. Контејнерите беа лоцирани на улицата Серава, а истите се со зафатнина од 1,1 кубен метар, извести Комунална хигиена-Скопје.
Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, по што биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.
„Апелираме до граѓаните внимателно да ракуваат со контејнерите поставени на јавни површини, бидејќи секое нивно оштетување значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на тековните активности предвидени согласно Оперативната програма за работа на Претпријатието“, изјави в.д.директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми.
Во текот на 2024 година беа опожарени 24 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи.