Македонија
Муртезани – Жан-Пјер Понселе: Македонија има направено значителен напредок во усогласувањето на својот статистички систем со стандардите на ЕУ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со претставници на Статистичкиот завод на Европската Унија – Евростат, Жан-Пјер Понселе и Клаудија Јункер. Во фокусот на разговорите беше важноста на официјалната статистика во процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, како и нејзиното користење за креирање на развојни и економски политики засновани на докази. Се разговараше и за поддршката на Државниот завод за статистика за да одговори на потребите на евроинтегративниот процес.
Министерот ја истакна клучната улога на статистиката, не само во рамките на Поглавјето 18 од правото на ЕУ, туку и низ неколку други политички области. Тој нагласи дека статистиката е од витално значење за следење на економското управување, реформата на јавната администрација и институционалното усогласување со стандардите на ЕУ.
На состанокот беше потенцирано дека Северна Македонија има направено значителен напредок во усогласувањето на својот статистички систем со стандардите на ЕУ, што е потврдено во различни извештаи на Европската комисија. Соговорниците ја подвлекоа потребата од понатамошни подобрувања, особено во однос на проширување на обемот и квалитетот на податоците за макроекономската и социјалната статистика.
Двете страни ја потврдија својата посветеност за продолжување на соработката, во контекст на напредокот на Северна Македонија кон целосна интеграција во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.
Македонија
Милошоски: Изборот на Наќе Ѓорѓиев за врховен судија е направен надвор од Судскиот совет
Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците изјави дека изборот на Наќе Ѓорѓиев за врховен судија, не бил „избран“ на седница на судскиот совет, туку надвор од него, од страна на раководството на претходната Влада.
„Лорета Ѓорѓиева има една квалификација за поранешниот судија Наќе Ѓорѓиев, а тоа е дека бил прекрасна личност и професионалец. Инаку, Лорета Ѓорѓиева е блиска другарка на господинот Зоран Заев, оној познатиот реформатор кој отвораше судство како пупки, а нејзиниот сопруг е долгогодишен директор во комуналец Струмица и не само тоа, туку и долгогодишен соработник за одредени би рекол изборни нерегуларности во Струмица“, појасни Милошоски.
Милошоски дополни дека стопанственик од Штип во 2022 година, го пријавува судијата Наќе Ѓорѓиев за нестручно и несовесно работење, барање на поткуп и селективно вршење на изземање на судии за одредени фирми. Кога бил отворен предмет против поранешниот врховен судија, Ѓорѓиев му се заканил на Ивица Николовски зошто била водена постапка против него.
„Поднесувањето на оставки од страна на неколку или сите членови на судскиот совет, може да биде и предизвикување на еден морален чин, кој што може да предизвика од позитивна гледна точка аларм кон сите оние кои што во минатото сакале или го злоупотребиле судскиот совет, без разлика од која позиција го правеле тоа“, додаде Милошоски.
Тој заклучи дека Судскиот совет наместо да биде орган кој треба да наметне хиерархија, авторитет и построги правила во судството, советот дејствувал под тие правила и норми на однесување.
Македонија
Митева до Дамева: Судскиот совет треба да одговори дали правдата е задоволена, а не да зборуваме за статистики
„Сметам дека е многу некоректно да давате класификации и дефиниции за тоа од каде е добиен тој процент на доверба и тоа го темелите врз основа на решените или нерешените предмети во извештајот“, се осврна Марија Митева, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во собраниската комисија на тема Извештај на ЕК за Македонија за 2023 година.
Митева појаснува дека не е важно било која страна да биде задоволна, туку е важно правдата да биде онаа која е задоволена.
Според неа „На 2% доверба во судството да се отвара прашањето лично и да се зборува дека не се знае како е дојдено до тоа и дополнително дека јавноста треба да биде посуштински навлезена во работењето на судовите е навреда, пред се кон граѓаните кои многу директно ги чувствуваат криминалот и корупцијата кои владеат во судството“.
Митева обраќајки се до Дамева од Судскиот совет укажа дека таа добро маневрира со говорот и зборовите со цел да не се фрли дамка врз судиите и тоа од причина што се смета дека така ќе се избегне реалната слика.
Како пример Митева го посочува случајот со одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој определи куќен притвор кај роднина, нешто невидено до сега, а дискусија по однос на ова воопшто немаше и некако случајот се заобиколи.
,,Она што јавноста очекуваше од вас како Судски совет и требаше да се направи, не видовме таква дискусија која навлегуваше во суштината на оваа катастрофа”, и се обрати Митева на Дамева и додаде уште една небулоза, ,,Замислете Судскиот совет во сопствениот извештај за сопственото работење наведува препораки.”
Имено рече Митева, ,,изминатата година сте детектирале слабости самите на себе, сте си донеле извештај со кој си препорачувате што да направите и за истото тоа самите на себе сте донеле заклучок”, посочи Митева.