Македонија
Муртезани: Први во регионот ги добивме средствата, ЕУ испраќа силна порака за доверба и партнерство

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на прес-конференција по повод пристигнувањето на средствата од претфинансирањето во рамките на инструментот за реформи и раст од страна на Европската комисија.
„Траншата е во висина од 52,4 милиона евра, односно 7 % од вкупната сума финансиска помош за земјата, која, како што знаете, изнесува речиси 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за претфинансирање за кое во ноември мината година известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доставивме до ЕК. Со ова Северна Македонија стана првата земја во регионот што ги доби овие средства откога претходно ги презеде сите неопходни чекори, односно ги заврши правните процедури, т.е. стапија во сила договорот за заем и договорот за грант.
Втората важна вест поврзана со реформската агенда е тоа што на 14 март 2025 година до Европската комисија во предвидениот рок го доставивме првото барање за ослободување средства во висина од 17,1 милиони евра за имплементација на конкретни реформски чекори. Во барањето ги надведовме реализираните активности до декември 2024 година (рок што од Комисијата беше продолжен до февруари 2025 година)“, истакна Муртезани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.