Македонија
Муцунски на средба на Тајани: Италија сака што поскоро да ја види Северна Македонија во ЕУ
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во еднодневна посета на нашата земја престојуваше потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани. Денешната посета претставува прва посета на министер за надворешни работи од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.
Во таа насока министерот Муцуснки истакна дека денешната посета претставува силна потврда на нашата заедничка определба за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на сите нивоа, додавајќи дека голема е честа што ова претставува и прва официјална посета на министер од земја членка на Европската Унија, по формирањето на новата влада.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји и ги потенцираа бројните можности за унапредување на оваа соработка, а особено на економски план и во таа насока во следниот период планирано е да одржи бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за инвестирање во двете земји.
Министерот Муцунски го запозна својот соговорник и со најновите состојби во Регионот, процесот на интеграцијата во Европската Унија, ангажманите за засилување на добрососедските односи и регионалната соработка, во функција на обезбедување европска перспектива за нас и за земјите од Западен Балкан. Притоа, тој ги поздрави континуираните заложби на Италија за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјален Рим за нашата европска перспектива. Воедно порача дека европската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата, како историска пресвртница не само за државите, туку и за целиот регион.
Министерот Тајани нагласувајќи го политичкото убедување на Италија за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ потенцираше дека тие остануваат силен поддржувач на нашата држава, охрабрувајќи ја нашата земја да продолжи со реформите и посветено да го зајакнува општествениот капацитет како клучен елемент за успешноста во совладувањето на домашните и регионални предизвици.
„Денешната посета и средбата со министерот Муцунски е јасна порака за влогот кој Италија го дава за побрз пристап на Западниот Балкан во Европската Унија. Ние посветено работиме за Северна Македонија што поскоро да биде дел од унијата“, потенцираше Тајани во обраќањето пред медиумите.
Во фокус на разговорите на двајцата Министри беа и миграцијата, актуелните безбедносни прашања, трговијата и економските релации помеѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните на маратонот
Министерот за спорт Борко Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните на денешното јубилејно 20. издание на Скопскиот маратон, упатувајќи честитки за сите учесници на маратонот за нивната издржливост и посветеност.
Побединик на годинешната трка е Хилари Чемвоно од Кенија. Неговиот сонародник, Даниел Кипротич го освои второто место, а третата позиција му припадна на најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски.
Во женска конкуренција доминираше Кенијката Ирине Џеруто. Најдобрата македонска маратонка Адријана Поп Арсова заврши на второто место, а трета беше Вивијан Џелагат од Кенија.
На полумаратонска трка доминираа натпреварувачите од Турција. Прв низ целта мина Џан Хусеин, второто место го освои Емектар Мурат, а трет беше Гедиклиоглу Абдурахман. Најдобар македонски натпреварувач на полумаратонската трка беше Иван Пешовски кој заврши на шестата позиција.
Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Милица Мирчева од Бугарија. Греша Бакрачи од Албанија беше втора, а третата позиција ѝ припадна на Јулие Ларсен од Норвешка.
-Скопскиот маратон и оваа година покажа дека Македонија е подготвена да организира спортски настани од светски размери. Горд сум што Министерството за спорт е главен покровител на оваа атлетска манифестација која го става Скопје и Македонија на светската маратонска мапа. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот, истакнал министерот Ристовски на доделувањето на медалите.
Тој упатил честитки до сите учесници на маратонот, како и до организаторите и до сите што придонеле денешната трка да мине во најдобар ред, нагласувајќи дека Скопскиот маратон е една од најзначајните спортски манисфестации која негува традиција и промовира вистински спортски вредности.
-Честитки до сите учесници, за вашата посветеност и напор. Вие сте вистински инспирација и пример дека преку спортот се градат не само здраво тело туку и заедница обединета во поддршката на заеднички цели. Честитки и благодарност и за организаторите, волонтерите и сите што помогнаа во реализацијата на овој голем спортски настан. Вашиот труд и ентузијазам направија овој маратон да биде успешен и сигурен за сите учесници и гледачи. Ова е уште една победа за спортот во Македонија, и се надевам дека ќе продолжиме да создаваме вакви можности за нашите спортисти и за заедницата. Спортот е мост што не спојува, а Скопскиот маратон е доказ за тоа, рече министерот Борко Ристовски.
На годинешниот јубилеен Виз Ер Скопски маратон настапија рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Министерството за спорт е главен покровител на Скопскиот маратон.
Македонија
Обилните врнежи ја загадија водата за пиење во Гостивар
Пожарникарите од ТППЕ Тетово имале две технички интервенции за испумпување вода во тетовската населба Деребој, кај подвозникот за село Фалише и испумпување вода во поплавената куќа во истата населба.
– ЈКП „Шар“ од Тетово информира до ЦУК дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на Лешница засега е целосно затворен, а градот Тетово се снабдува со намалено количество вода. Екипите на ЈКП „Шар“ се на теренот за брзо решавање на проблемот. Известуваат дека ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13:00 до 15:00 часот и во период од 1:00 до 4;00 часот, стои во соопштението.
Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.
– До натамошно известување, од ЈП „Комуналец“ од Гостивар да не се пие водата од чешма, од водоводот, информира ЦУК.
Македонија
Пожарникари извлекле жена во срушена куќа во Велес
Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 2.142 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112, а немало пожари на отворено.
ЦУК информира дека вчера, од 9:30 до 10:15 часот, четворица пожарникари со едно противпожарно возило од ТППЕ Велес извлекле жена во срушена куќа. Жената се стекнала со мали повреди и со возило на итна медицинска помош била пренесена во болница во Велес.
ТППЕ Куманово дека вчера, од 12:08 до 12:30 часот, извлекувала лице од возило при сообраќајна незгода во близина на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Лицето, како што се наведува, имало тешки телесни повреди.
РЦУК Тетово, пак, информира дека околу 4:30 часот возило излетало во река во село Беловиште, Општина Гостивар. Се интервенирало со едно возило и четворица пожарникари. Сите лица биле извлечени, а само еден сопатник бил телесно повреден, кој бил пренесен во Гостиварскиот клинички центар.