Македонија
Муцунски по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром: Да изградиме општество во кое ќе ги надминеме стигмата и дискриминацијата
Општина Аеродром денес ги одбележа првиот ден на пролетта, Светскиот ден на лицата со Даунов синдром и Денот на поезијата. Градоначалникот Тимчо Муцунски утрово го посети основното училиште „Александар Македонски“ и присуствуваше на настан на кој заедно со учениците преку интересни и креативни активности, организирани во училишниот двор, му посака добредојде на новото годишно време и испрати пораки по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
„Да спортуваме, да се грижиме за природата и да се почитуваме“, порача градоначалникот Муцунски, при што потенцира дека Општина Аеродром и понатаму ќе работи на создавање подобри услови за лицата со попреченост подигнувајќи ја инклузивноста и создавајќи институции што ќе бидат достапни и отворени за сите.
„Заедно неопходно е да продолжуваме да градиме општество во кое ги надминуваме стигмата и дискриминацијата“, истакна тој при денешната посета на училиштето. „Со нас, не за нас“ е пораката со која светот го одбележува денешниот ден, а Аеродром преку овие активности испраќа порака дека лицата со попречености се неизоставен дел од нас, нашата општина и нашата заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груби негира поврзаност со лицата кои го палеа македонското знаме
Поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, го осуди палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на Албанското знаме. Во својата објава на Фејсбук тој ги демантираше наводите за неговата поврзаност со настаните искажани од Коалицијата „Влен“ и побара јавно извинување.
– Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно, ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинуватe и да им служите. Го осудувам насилството и палењето знамиња, како што го осудувам и институционалното поттикнување на тензии и селективната моноетничка правда и во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што си го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги кои им се секојдневие, стои во објавата на Груби.
Коалицијата „Влен“ денеска на прес-конференција обвини дека младите кои го запалија државното знаме на Денот на албанското знаме се блиски соработници на поранешниот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
– Со задоволство и гордост можеме да соопштиме на пошироката јавност дека Денот на независноста на Албанија се сметаше за идеален момент за дестабилизација на ДУИ, овој план беше срушен со 17 лице притворени. Зашто, никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност. Ние ја завршивме нашата работа многу професионално и многу брзо. Со жалење и загриженост ве известуваме дека ВЛЕН обезбеди и фотографии кои докажуваат дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на мајсторот на казиното, Артан Груби, изјави денеска Арбен Фетаи, секретар за надворешни прашања од Алијанса за Албанците, кој е и актуелен заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење.
Македонија
АХВ откри нерегистрирана кујна и оштетени површини каде што се готви за деца
Агенцијата за храна и ветеринарство при спроведени контроли во 36 училишни кујни утврдила дека една кујна не била регистрирана, а во кујните во четири училишта биле оштетени работните површини. Земените примероци од храна биле во ред, а од земените брисеви само во едно училиште лабораториските тестирања детекирале незадоволителни резултати.
За нерегистрираната кујна изречена е прекршочна санкција и наредено е итно регистрирање.
Издадени се и решенија со мерки за отстранување на недостатоците утврдени во четирите училишни кујни каде биле оштетени работните површини.
– Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна на територијата на цела држава, со акцент контролите во кујните во училиштата и установите каде се згрижуваат граѓани од ранливите категории, каде контролите ќе се спроведуваат континуирано, се наведува во соопштението.
Македонија
Заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка, се вози и со летни гуми
Од Центарот за управување со кризи информираат дека на Единствениот број за итни случаи 112 добиле пријави од заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка.
ЦУК посочуваат дека денеска во 13:05 часот добиле известување од службени лица на Територијалната противпожарна едница од Гостивар за заглавено службено возило меѓу хотелот „Радика“ и Бунец и дека со нив се и околу 20 други возила заглавени од рано утрото. Во моментов се чека поголема машина-фреза од „Македонија пат“ за расчистување на снегот.
– Службените лица бараат интервенција од „Македонија пат“ со механизација за чистење на патот, како и од полицијата да ги застанат возилата за да се избегне дополнителна гужва, пренесуваат од ЦУК.
Од ЦУК соопштуваат дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот добиле пријава и за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
– РЦУК Тетово известува дека контактирале со ПС Попова Шапка, пријавителот и „Македонија пат“. Истите известиле дека блокираните возила на Попова Шапка не се како резултат на неисчистени коловози туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на Попова Шапка. Патот е прооден, моментално две возила го чистат истиот. Проблемите се настанати од луѓето. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола од ПС Попова Шапка е на местото на настанот. Според дежурниот во ПС Попова Шапка во наредниот период може да се јават и други пријавувачи за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето поголем број на луѓе ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони од возила, велат од ЦУК.