Македонија
„Надлежните да земат цевка и да дишат низ неа за да ја сфатат итноста на состојбата“, велат пациентите со цистична фиброза и излегуваат на протест

Пациентите со цистична фиброза велат дека се разочарани од изјавите на министерот за здравство и од министерот за финансии. Тие нема да го откажат протестот закажан за утре. Сметаат дека дадениот збор од министрите не е доволна гаранција дека набргу ќе го добијат скапиот лек.
„Се надевавме и очекувавме и баравме писмен документ во кој ќе се гарантира дека работите ќе се движат зашто во последните две години сме доста залажани со усни ветувања и затоа сега не можеме да се потпреме на тоа“, велат оттаму.
Како што дополнуваат, утре протестот продолжува во 12 ч пред Владата и ги покануваат сите граѓани да ги подржат да го добијат правото на лек и да сфатат дека време за чекање нема.
Тие се надеваат дека измените на законите ќе завршат бргу за лекот да се набави директно од производителот.
„Правните работи се обврска на надлежните и се надеваме дека ќе ги решаваат бргу. И по протестот, ќе продолжат инсистирањата и барања до Министерството за здравство и до Министерството за финансии за да има решение. Бидете покрај нас, бидете со нас, за да покажеме дека усните ветувања не се доволни“, велат членовите на здружението за болни од цистична фиброза.
Со пораката „Надлежните да земат цевка и да дишат низ неа за да ја сфатат итноста на состојба“ се надеваат дека институциите ќе донесат побрзо решение.
„Бројот на пациенти се зголемува со влошена состојба, особено од овие работи што дополнително ни го влошуваат здравјето, како и со дополнителни стресови дали ќе има одлука или не. Има пациенти што се постојано на кислородна поддршка и тој број ќе се зголемува, велат од членството“, посочуваат претставниците на пациентите заболени со цистична фиброза.
Министерот за здравство, Беким Сали, рече дека скапиот лек „трикафта“ првично ќе биде набавен за осуммина пациенти, кои се во потешка здравствена состојба. Тој додаде дека не може да потпише писмена гаранција оти ќе го набават лекот, како што беше побарано од болните од цистична фиброза, а за да не организираат нов протест за утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Само партиското правосудство на СДС и ДУИ не гледа случај во скандалoт со надзорот кој го избраа Груби и Ковачевски

Јавното обвинителство нека не се прави слепо при очигледен скандал со изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10Д кој што го спроведоа Ковачевски и Груби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинителството нека не се однесува како заштитник на криминалот и веднаш да постапи, бидејќи во овој случај има толку очигледни прекршување што само партиските структури во правосудните органи не сакаат да ги видат.
Конзорциумот кој што го избраа Ковачевски и Груби наплатил 900 илјади евра за еден месец за ангажирање на само 4 лица за изготвување само на еден договор. Истите овие 4 лица дополнително ќе поделат други 300 илјади евра по истиот основ, што е огромна сума за многу побогата држава од Македонија. Во време кога во Македонија нема пари да се испечатат учебници во образованието, еден милион евра се исплатени за пишување на еден договор“, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително , додаваат од таму и другите исплати поврзани со надзорот се енормни.
„Така цените кои се наведени за инженери и надзорници се и до 7 пати поголеми од тие кои се плаќани на други проекти. Најголем дел од овој 22 милиони евра тежок тендер ќе поминат низ фирмата Електра Солушн која до скоро се занимавала со шиење гаќи, а ќе се омрсат и компаниите Евро Консалтинг која е поврзувана со Димитријевиќ кој избега од Ерменија заради обвинение за корупција и фирмата ЕПТИСА која самата влада ја забрани за соработка и даде негативна референца.
Ковачевски и Груби сето ова свесно го организирале, но да имаше правна држава, каква што нема досега ќе се отвореше постапка и случајот ќе почнеше да се испитува. За криминалите на оваа власт ќе има одговорност, но и за оние институции кои требало тоа го спречат но молчеле“, реагираат од опозициската партија.
Македонија
Променливо облачно и студено со засилен ветер од северен правец

Денеска ќе биде променливо облачно и студено со засилен до силен ветер од северен правец, (локално над 80 км/час).
Во утринските часови во југозападните делови ќе има слаби врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места во текот на денот ќе провејува слаб снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и судено со сончеви периоди. Ќе дува засилен северен ветер, кој ќе надминува брзина над 60 км/час. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во следните денови времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Температурите во среда и четврток ќе паднат под нулата

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за хидрометеоролошки работи ги информираат земјоделците дека во наредните денови 29 и 30 март (среда и четврток) земјата ќе биде зафатена од ниски температури под нулата.
Минималните температури на 29 март ќе изнесуваат -5 степени во Крива Паланка, -4 во Ресен и Битола, -3 во Прилеп и Тетово, – 2 во Скопје, Струмица и Кочани, -1 во Демир Капија и Штип, додека 0 степени ќе биде минималната температура во Кавадарци. За 30 март пак минималната температура ќе изнесува -4 степени во Крива Паланка, – 3 во Битола, -2 степени во Струмица, Ресен и Тетово, а -1 во Скопје и Прилеп.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до земјоделците навремено да преземат мерки за заштита на овошните насади од измрзнување.