Македонија
Намалена видливост на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и Маврово

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози. Намалена видливост од 70 до 100 метри поради појава на магла има на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и Маврово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По вчерашното пукање во Прилеп: истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи како што соопштија од таму, постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.
Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Психолози доброволци на терен работат со младите: Беа во шок, потоа имаа лутина, што е нормална емоција, а сега почнува периодот на тага

Тим од психолози – доброволци од минатата недела е меѓу учениците, студентите и жителите на Кочани, Штип, Виница, Чешиново, Облешево и Пробиштип. Утрово тим од 30 психолози е на терен во Кочани, друг тим од десетмина е во Штип, а во секое време на располагање на жителите од овој регион име новоформиран центар за психолошко советување на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каде секој може да побара индивидуална помош. За да бидат повидливи во средините во кои работат, психолозите носат црни маички на кои со бели букви пишува психолог.
Емилија Бошковска, психолог од Комората на психолози, која денес е на терен во Штип вели дека настојуваат секаде каде што е кризно да поминат краток брифинг, особено со лицата кои работат со млади. Формирале групи кои работат со наставниците, со вработените во градинките, во основните и во средните училишта, а приоритет им е работа со младите преку групен, но за секој што ќе побара и индивидуален пристап.
„Добар е одѕивот на младите, сакаат да разговараат. Една од причините зошто е тоа така е веројатно затоа што дома не се зборува за чувства. Меѓу врсниците се чувствуваат подобро и затоа ги правиме групите каде што би се чувствувале позаштитено, да добијат чувство дека се еден за друг тука“, вели Бошковска.
Зборуваат, за чувствата, за тоа како се чувствуваат во овие моменти и им помагаат да создадат одбранбени механизми, стратегија за справување со емоциите за постепено да се вратат на нормалното функционирање.
„Пораката, пред се, е дека е во ред што и да чувствуваат и младите и возрасните во ваква состојба. Секој со свое темпо ќе заздравува. Беа во шок, па имавме неколку фази кои поминаа. После шокот имавме и лутина, и тоа е нормална емоција, почнува периодот на тага, не кај сите , се е индивидуално. Ги следиме, од ден на ден се менува состојбата и тука сме за се што доаѓа, по ред, па дури и за анксиозни состојби, депресивност и слично“, рече Бошковска и нагласи дека анксиозност и депресивност се состојби кои допрва би можеле да бидат очекувани.
Бошковска вели дека се работи за колективна траума, но секој е различен според степенот во кој е засегнат. Погодени од трагедијата се не само Кочани и околните места туку Бошковска смета дека нема човек во земјава кој не е афектиран и токму затоа ги повика сите психолози кои можат, да се вклучат, да се пријават за работа на терен. Досега за да помагаат се пријавиле вкупно 130 психолози, но не се охрабруваат сите за работа на терен.
Таа објасни дека наспроти гласините, работата на сите психолози не е платена, туку тоа го прават хуманитарно и доброволно.
Македонија
МВР: Кривична пријава против пет физички и едно правно лице за злоупотребите во ЈП „Државни патишта“

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против пет физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
Кривичната пријава е поднесена против Џ.Б. (54) од Кичево, Е.Р. (56) од Тетово, Е.Љ. (61) од Тетово, М.Б. (48) од Скопје и Д.З. (39) од Тетово и против правен субјект од Кичево.
Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи.
Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување.
Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно.
Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран. Таквите контроли не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање.
Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување.
На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопј, според соопштеното доставил предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.