Македонија
Наместо соживот и инклузија, Владата предизвикува поделби и несигурност, велат од ДУИ за предлог-законот за средното образование
ДУИ остро ги осудува постојаните обиди на Владата за наметнување на анти-Охридски дух преку законски предлози кои имаат за цел создавање етничка супериорност и поткопување на мултиетничката рамноправност, која е од суштинско значење за стабилноста и иднината на Северна Македонија, вели пратеничката на ДУИ, Дијана Тоска.
„Предложените измени на Законот за средното образование, меѓу другото, предвидуваат: Асиметрична употреба на јазикот и писмото во педагошките документи; Развивање на културни активности исклучиво во духот на македонската традиција и националната историја, со маргинализирање на културата и придонесот на другите етнички заедници во земјата; Параграфи кои го исклучуваат мултиетничкиот идентитет во средните училишта и промовираат доминација на еднострана етничка нарација, со што се нарушува рамноправноста загарантирана со Охридскиот договор и Уставот“.
Овие одредби, како што вели, претставуваат отворен напад врз основите на меѓуетничката рамноправност и обид за наметнување етничка доминација, што е во спротивност со духот и целите на Охридскиот договор.
Според неа, наместо да се промовираат соживот и инклузија, Владата предизвикува поделби и несигурност во нашето општество.
„Овие измени не само што ја нарушуваат општествената кохезија, туку и го оштетуваат имиџот на Северна Македонија во очите на меѓународните партнери, ставајќи ја земјата како приоритет во кризите на Европската заедница за управување со кризи. Т.н. албански претставници избрани во Владата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои тивко или јавно ги поддржуваат овие иницијативи, треба да се засрамат за своите постапки.
Овие дејствија претставуваат предавство на интересите на албанските граѓани и понижување пред еднострани агенди кои ја загрозуваат мултиетничката иднина на земјата. ДУИ ја повикува Владата веднаш да ги прекине овие опасни и деструктивни обиди“, нагласува пратеничката на ДУИ.
Единственото решение за заштита на иднината на земјата, како што оценува, е враќање на отворен дијалог и почитување на духот на Охридскиот договор, кој обезбеди стабилност и напредок за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Скопје
Без вода дел од Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.