Македонија
Наставници кои воопшто не го знаат знаковниот јазик им предаваат на учениците со оштетен слух во средното „Партенија Зографски“, утврди омбудсманот
Канцеларијата на народниот правобранител утврди дека во единственото државно средно училиште за ученици со оштетен слух во земјата, „Партенија Зографски“ во Скопје, предаваат наставници што воопшто не го познаваат знаковниот јазик или не го познаваат доволно. Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на народниот правобранител рече дека нивната анализа покажала дека ниеден наставник нема шесто, највисоко, ниво на познавање на знаковниот јазик иако обуките за наставниците се бесплатни.
„Особено загрижува фактот што постојат наставници што не го знаат воопшто, а има и такви што се на почетно ниво на изучување на знаковниот јазик, иако некои од нив веќе подолго време се вработени во училиштето, односно имаат повеќе години работно искуство во училиштето. Во учебната 2023/24 година тројца наставници почнале почетна обука. Прво ниво на обука имале завршено тројца наставници, за жал, дури двајца од нив се со стаж од 15, односно 20 години. Двајца вработени завршиле второ ниво на обука и четворица се со трето ниво на обука. Со завршено четврто ниво имало деветмина вработени, а петто ниво на обука имале завршено четворица наставници. За жал, ниеден од вработените нема завршено шесто ниво ниво на обука на знаковен јазик. Во оваа учебна година податоците што ги обезбедивме покажуваат дека нема значителни промени. Напредување во следно ниво има кај вкупно шестмина наставници, и тоа еден од вработените од второ ниво преминал на трето, двајца од трето преминале на четврто ниво, двајца од четврто преминале на петто ниво, а еден наставник, кој бил петто ниво, во меѓувреме стекнал сертификат за толкувач. За жал, сите други наставници и воспитувачи се на истото ниво на познавање на знаковниот јазик како и минатата учебна година“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Таа нагласи дека во училиштето има двајца вработени со оштетен слух. Едниот е на работно место воспитувач, а другиот е наставник по практична настава, чиј мајчин јазик е знаковниот јазик, како што бара Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Во разговори со учениците, за што претставниците на омбудсманот ангажирале сертифициран толкувач, откриле дека повеќето наставници наставата ја изведуваат вербално, со пишување на табла или, пак, со споделување печатени материјали, кои на учениците не им се доволно јасни. Оценувањето, пак, учениците го нарекле лотарија.
„При проверка на знаењата, односно за време на испрашувањето, учениците кажаа реченици од типот ‘нашето оценување е како лотарија, ставаат двојки, тројки, четворки, петки, без да ни го проверат знаењето. Доволно е само да го препишеме она што го пишуваат на табла’. Дополнително, укажаа дека одговараат со помош на соученик кој е наглув и кој добро го знае знаковниот јазик и во една таква состојба ваквиот ученик има улога на толкувач“, вели Бајрамовска- Мустафа и објаснува дека учениците не се чувствуваат доволно спремни да го продолжат образованието на факултет или да се вработат.
Денес, по повод Денот на лицата со попреченост, народниот правобранител испрати препораки до училишниот центар и до Министерството за образование за преземање итни мерки со кои ќе им се овозможи на учениците со оштетен слух да добијат образование на знаковен јазик.
На училиштето му препорача за воспитно-наставниот кадар, кој во моментот реализира настава, а не го познава или не го познава солидно знаковниот јазик, да обезбеди сертифицирани толкувачи на знаковен јазик во наставата со цел ефикасна и квалитетна комуникација со учениците и соодветно пренесување на наставните содржини.
Има препорака и компетентни лица, сертифицирани толкувачи, редовно да вршат евалуација на нивото на познавање на знаковниот јазик на наставно-воспитниот кадар за да се утврди евентуалната потреба од дополнителни, напредни и поспецифични обуки за изучување на знаковниот јазик во одредена научна област.
На Министерството за образование, пак, омбудсманот му препорача да преземе мерки за системско решавање на проблемот со непознавање на знаковниот јазик на начин што ќе го уреди познавањето на знаковниот јазик како облигаторен за наставно-воспитниот кадар на соодветно ниво во согласност со работното место, но и за другиот работен кадар, кој е во секојдневен контакт со учениците со оштетен слух.
Заедничка препорака за Министерството, училишниот центар и здруженијата на граѓани за лицата со оштетен слух е да преземат мерки со цел обезбедување задолжителни континуирани обуки за вработените за изучување на знаковниот јазик преку кој ќе се зајакнат и подобрат вештините на употреба на знаковниот јазик во комуникацијата со учениците.
Во „Партенија Зографски“ оваа учебна година има вкупно 45 ученици, што е за шест ученици повеќе отколку минатата учебна година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку населби во Скопје без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, известува дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија ќе останат:
Во период од 09:00 до 12:30 часот дел од корисниците од ул. 2, делот кај отпадите меѓу Визбегово и Шуто Оризари (општина Шуто Оризари );
Во период од 10:00 до 14:00 часот дел од корисниците од Улица Бутелска 13 и Улица Бутелска-крак Серава(општина Бутел);
Во период од 09:00 до 14:00 часот дел од корисниците од ГОРНО СОЊЕ – ул.8(општина Сопиште);
Во период од 08:00 до 14:00 часот корисниците од ул.Никола Малешевски, сите 4 влезови веднаш до ТС и до Пензионерски, Ул.Ферид Мурати бр.4 (пензионерски дом Чаир),и Средно училиште Цветан Димов(општина Чаир);
Во период од 09:00 до 15:00 часот дел од корисниците во Волково и Стопански двор(општина Ѓорче Петров);
Во период од 08:30 до 09:00 часот дел од корисниците од Ул. Архепископ Доситеј зграда број 2(општина Бутел).
Македонија
Променливо облачно време со минимални температури до -1
Променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен, а во југоисточните од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со пораст на дневната температура. По котлините ќе се задржи магливо и постудено со пониска дневна температурата. Локални слаби врнежи претежно од дожд се очекуваат во петок.
Скопје
Дел од Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека:
– Поради дефект на П.П. Хидрант од ф -80“ на улицата Максим Горски бб (кај Мепсо) со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на потегот од плоштадот до Македонска пошта и дел од Орце Николов.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.