Македонија
Наутрo слаба магла, преку денот сончево време
Наутро студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и претежно тивко.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 4, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје наутро ќе има услови за појава на слаба магла. Преку денот сончево со мала локална облачност и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 17 степени.
До сабота ќе се задржи сончево време со мала до умерена локална облачност. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност, која само понекаде ќе остане подолготрајна. Од недела времето ќе биде променливо облачно и постудено, а на почетокот на следната недела наместа ќе има појава на повремен дожд, на највисоките планини услови за краткотраен снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд самиот треба да решава, а не ние да му кажуваме како да работи, вели Сиљановска-Давкова
Одлуката на Уставниот суд за одржување подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците е очекувана за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека во Уставниот судот треба да има повеќе јавни расправи, бидејќи едно време беа речиси суспендирани. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите, институциите, и оние не се согласуваат со иницијативите, појасни Давкова.
„Потребна е таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи“, рече Сиљановска-Давкова.
За бојкотот на седницата од страна на судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, Сиљановска-Давкова нема разбирање. Вели дека тие се таму за да одлучуваат со гласање „за“ или „против“, а најшокантно звучело дека не можело да се признаваат одлуки на еднонационален суд.
Уставниот суд вчера одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а потоа да одлучува. Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, по седницата рече дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестираше пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.
Македонија
Се врши претрес во Судскиот совет за да се обезбедат записници поврзани со мандатот на Дамева
Полициски службеници по наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет.
Oд Јавното обвинителство информираат дека претресот се врши за да се обезбедат два записници за проверка на евентуални елементи на кривично дело, а се однесува на мандатот на поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева.
Од Обвинителството појаснуваат дека ова не е поврзано со формираниот предмет за „црната листа” на САД, туку се однесува на известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на Дамева.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 2 декември поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, по што изборот за нов претседател беше одложен.
Македонија
МНР: Одбележан јубилеј – 30 години присуство на УНХЦР во Македонија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и УНХЦР – Агенцијата на ОН за бегалци, заеднички ја одбележаа 30-годишнината од присуството на УНХЦР во Република Северна Македонија, кое во изминатите децении помогна на стотици илјади баратели на азил, бегалци и лица без државјанство.
Овој значаен јубилеј се одбележa со свечено отворање од министерот Тимчо Муцунски, на кој присуствуваше претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, високи државни и меѓународни претставници, вклучувајќи го заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, регионалниот директор на УНХЦР за Европа, Филип Леклер, претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано Де Годој, резидентниот координатор на ОН, Рита Колумбија, амбасадори, како и партнери од граѓанското општество, академската заедница, приватниот сектор и други регионални и меѓународни организации.
Настанот се организира во чест на тридецениската блиска соработка помеѓу УНХЦР и Владата на нашата земја, што ја одразува заедничката посветеност кон заштита на бегалците, поддршка на лицата без државјанство и промоција на човековите права и инклузивност. Во рамки на церемонијата беше претставен комеморативен поштенски жиг кој го симболизира хуманитарниот придонес на Северна Македонија, кој заедно со напорите на УНХЦР, претставува доказ за лидерството и посветеноста на нашата земја кон меѓународните хуманитарни вредности.
„УНХЦР е горд што активно ги поддржува напорите на Северна Македонија за заштита на бегалците и другите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита. Во изминатите три децении, нашата соработка помогна да се заштитат правата и достоинството на многу луѓе и одигра клучна улога во спречување на повторна појава на лица без државјанство во земјата. Подготвени сме за понатамошна соработка за зајакнување на системот за азил, подобрување на политиките за локална интеграција на барателите на азил и бегалците, како и за усвојување на постапка за утврдување на статус на лицата без државјанство. Ова трајно партнерство е доказ за нашата заедничка посветеност на хуманитарните вредности и ја истакнува Северна Македонија како пример за регионот и светот,“ изјави Филип Леклер, регионален директор на УНХЦР за Европа.
„Додека се навраќаме на изминатите 30 години, ги славиме постигнувањтаа овозможени преку нашето цврсто партнерство. Нашата соработка со УНХЦР беше тестирана преку бројни предизвици. Заедно работевме на зачувување на човековите права, хуманоста и достоинството, како и солидарноста, нудејќи заштита, помош и надеж за илјадници бегалци, баратели на азил и раселени лица.
Активно сме ангажирани во напорите за поддршка на бегалците и раселените лица преку зајакнување на системот за азил, развој и поддршка на програми за интеграција, обезбедување пристап до основни услуги како образование и здравствена заштита, и создавање услови бегалците да ги обноват своите животи со достоинство.
Демонстриравме отпорност и прилагодливост во усогласувањето на националните политики со принципите на хуманитарното право. Од земја која во минатото имаше потреба од значителна поддршка од меѓународната заедница, денес станавме пример за земја која дава поддршка“, истакна министерот Муцунски во обраќањето.
На церемонијата беа презентирани говори и сведоштва од лица кои имаат бенефит од поддршката на УНХЦР низ годините, истакнувајќи го не само влијанието на присуството на агенцијата, туку и проактивната улога на Северна Македонија во зачувување на глобалните принципи на инклузија и заштита. Овие сведоштва ја нагласуваат длабоката и позитивна улога на нашите заеднички напори во поттикнување на попријатна и поддржувачка средина за оние на кои им е потребна помош.