Македонија
Најголем број од новозаболените и починатите од Ковид-19 се лица над 60 години
Најголем број од новозаболените и починатите од Ковид-19 во периодот од 27 јули до 2 август се лица над 60 години, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен денеска за периодот од 27 јули до 2 август.
МЗ исто така соопшти дека R0-факторот на преносливост на вирусот покажува позитивен тренд на намалување, кој изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1.
Институтот за јавно здравје известува дека од 27 јули до 2 август направени се вкупно 9.709 тестирања (146 повеќе од периодот 20-26 јули) и регистрирани се 912 позитивни случаи на Ковид-19, што е 4,6 % помалку од претходната недела.
Во истиот период благо намалување има и во проценотот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 9,4 % (претходната недела 10 % од тестираните беа позитивни).
Новозаболени се регистрирани во 28 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9 % – бележи благо намалување три недели по ред), во Штип (12,2 %) и во Гостивар (11,2 %).
Во 19 града во земјата за истиот период бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура на новозаболените, во овој период најголем процент се лица над 60 години – 22,9 %, а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 19,4 %. Во возрасната група 40-49 години се 17,9 % од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,8 %.
Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 3,1 % и од 10 до 19 години – 5,0 %.
Од случаите што епидемиолошки се истражени, хоспитализирани се 136 лица или 15,7 %, а кај 277 лица или кај 32,2 % регистрирано е присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени, 38,1 % имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 27 јули – 2 август регистрирани се 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6 % повеќе од претходната недела (20 – 26 јули).
Во периодот 27 јули до 2 август регистрирани се 29 смртни случаи, што е намалување од 14,7 % во однос на минатата недела. Повеќето од случаите се лица над 60 години – 75,9 %. Во болнички услови се починати 24 од случаите, а пет вонболнички.
Кај 23 од смртните случаи (79,3 %) се регистрирани претходни коморбидитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре протест поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.
Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето“ велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.