Македонија
На аздисаноста ѝ нема крај, Филипче во друштво на Заев, грчките плажи ги замени со приватни журки во луксузни хотели во Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Лицемерието, арогантноста, аздисаноста и одродувањето биле одлика на досегашните раководставата на СДС. Во тоа доследно ги надгради и прошири и Венко Филипче, за кој, патем, 29% од македонските граѓаните не знаат дека тој е претседател на СДС, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ароганцијата покажана на последното негово појавување пред новинарите ги помина сите досегашни граници. Венко Филипче, наместо да даде отчет за видеото кои руши рекорди на гледаност по социјалните мрежи, на кое се гледа како тој во друштво со неговиот другар, Зоран Заев видно расположени се журкаат на приватна забава по луксузни хотели во Дубаи, надмено и арогантно одговара дека не коментира приватни работи.
Откако Филипче во друштво со Заев, цело лето го поминаа по ексклузивните грчки плажи и од таму, од време на време се по некој фејсбук статус се јавуваше да одглуми некаква загриженост за државата, сега им залади времето, па плажите ги заменија со луксузни хотели и скапи приватни журки во секогаш топлиот Дубаи.
Едно патување до Дубаи и назад, и плус учество на приватна журка во луксузниот хотел Хилтон, сигурно чини неколку илјади евра, но што е тоа за Филипче и Заев кога во нивно владеење ја опљачкаа Македонија, ги осиромашија граѓаните, ја уништија економијата.
И додека граѓаните мака мачат да го врзат месецот од први до први, Филипче и Заев трошат илјадници евра за приватни забави по екслкузивни дестинации“, велат од партијата на власт.
Според ВМРО-ДПМНЕ, откако се вратил од Дубаи на Филипче му текнало дека тој на хартија е претседател на СДС, па на лицемерен начин се обидува да ја замајува јавноста дека се грижел за стандардот на граѓаните.
„За оној животен стандард кој тие во нивното владеење го уништија и во чие време оставија 500 илјади македонски граѓани на прагот на сиромаштија со по 150 денари на ден.
На таков начин не се води ниту куќен совет, а не пак политичка партија, затоа да не се чуди Филипче зошто ни членовите на неговата партија не му веруваат и зошто рејтингот му е само 5% и истиот дополнително се намалува. На Македонија и треба консолидирана опозиција, а аздисаноста и арогантноста граѓаните знаат да ја казнат, како што тоа го направија на двојните избори во мај“, потенцираат од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Битола
Утрово најстудено во Битола каде што биле измерени -6 степени, -5 било во Прилеп, -3 во Тетово, Штип, Виница и Куманово, -2 во Дебар, Кавадарци, Попова Шапка, -1 во Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица, Берово, Велес, Маврови Анови, Лазарополе, 0 во Скопје-Петровец, Крушево, 1 во Претор, Гевгелија, 2 во Охрид.
Висината на снежната покривка во седум часот утрово била 46 сантиметри на Попова Шапка, 42 Маврови Анови, 22 Крушево, 17 Битола, 10 Дебар, 9 Тетово, 7 Демир Капија, 6 Штип, Берово, 5 Лазарополе.
Времето денеска
Претпладне по одделни котлини со појава на магла и ниска облачност. Преку денот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и снег во пониските, а со врнежи од снег на повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со слаб, а во западните делови со умерен интензитет.
Максималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7 степени.
Во Скопје облачно со појава на магла. Во текот на денот ќе има повремени слаби врнежи од дожд, а на повисоките делови од котлината со повремен дожд и снег. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет во утринските часови се бележат во Маврово и на планинските премини Буково, Ѓавато и Плетвар, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Намалена видливост поради појава на магла од 100 – 150 метри има на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Делови од Бутел, Чучер Сандево и Илинден денеска без струја
ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел, Чучер Сандево и Илинден.
– Во период од 09:00 до 13:00 часот корисниците од улицата 18 броеви од 30 до 40, улицата Радишанска броеви од 40 до 70, во општина Бутел.
– Во период од 09:00 до 15:00 часот дел од корисниците во село Мирковци во општина Чучер Сандево.
– Во период од 09:00 до 14:00 часот корисниците од улицата од Мршевци кон Бујковци во општина Илинден.