Македонија
На Јанакиески, Вељаноски и Ристовски ќе им се суди за организирање на упадот во Собранието

Кривичниот суд донесе решение со кое го одобрува обвинителниот акт за организаторите на крвавиот упад во Собранието на 27 арпил. На обвинителна клупа ќе седнат експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Обвинителството ги гони за делото терористично загрозување на уставниот поредок. Кривичниот суд соопшти дека согласно АКМИС-системот ќе биде распределен кај судија, кој ќе треба да закаже рочиште и да го води случајот.
За експремиерот Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, и поранешениот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој е во бегство во Грција, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.
Тие се гонат бидејќи според Обвинителството на критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување насилство.
„Наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето За заедничка Македонија што кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“, соопштија од Обвинителството при поднесување на обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожар во околината на Битола

Од Центарот за управување со кризи инфморираат дека во Битола гори големо стрниште а екипите на ТППЕ Битола се на лице место.
Огнот од стрништето се пренел и на трската и останатата вегетација покрај реката Црна поради што е видлив од далеку, соопшти Стојанче Ангелов.
Како што појасни гаснењето е отежнато поради калливиот терен покрај реката Црна.
„Нема опасност по населени места. ТППЕ Битола се обидува да го изгасне“, вели Ангелов.
Македонија
Телефонски броеви и информации за семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство, објави Муцунски

Преку социјалните мрежи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски објави како што пишува, важни информации за семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство.
„Сите семејства на пациентите кои имаат потреба од превоз, сместување или дополнителна поддршка можат да се обратат на 070-270-370. Трошоците за оваа намена се целосно покриени од Владата.
Нашите дипломатско-конзуларни претставништва се на располагање за секоја неопходна помош, а за итни прашања достапни се и дежурните телефонски броеви: 075/273-732 и 075/268-736“, информира Муцунски.
Македонија
Сашо Стошевски назначен за нов директор на општата болница Куманово

Сашо Стошевски, досегашниот директор на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување е назначен за нов директор на општа болница Куманово.
На функцијата директор на кумановската болница доаѓа откако вчера министерот за здравство Арбен Таравари го разреши Стефан Трајановски.
Стошевски е вработен во Фондот за здравствено осигурување во Куманово, каде лани беше назначен и за директор.