Македонија
На државната прослава ќе може да присуствуваат граѓани што се вакцинирани или прележале Ковид-19
Владата ги поканува граѓаните да учествуваат на централната манифестација по повод јубилејот 30 години независност, 8 Септември – Денот на независноста, која ќе се одржи утре во 17 часот пред Собранието на Република Северна Македонија.
„Настанот е со ограничен број публика поради пандемијата и здравствените протоколи што ни попречија многу моменти на заедничко прославување. Сите присутни треба да поседуваат вакцинален сертификат или потврда за прележаност на коронавирусот. За да овозможиме безбеден настан од здравствен аспект, за сите гости е предвидено место за седење со соодветно растојание, а движење за време на настанот не е препорачано за да не се нарушат здравствените протоколи“, се наведува во владината информација.
Влез на настанот е овозможен само за граѓаните што ќе се регистрираат на следниот линк.
Според протоколот, бројот на седишта е ограничен, а регистрацијата ќе биде затворена во моментот кога ќе се исполни бројот на слободни места. Регистрираните граѓани ќе добијат повратна логистичка информација за позицијата на местото за седење и линк што води до мапа на која е претставен влезот од кој се пристапува до местото за седење.
„Центарот на Скопје (Голем ринг) ќе биде затворен за сообраќај поради што апелираме граѓаните што ќе се регистрираат за присуство да пристигнат пред Собранието без моторни возила. Граѓаните треба да пристигнат пред Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до 16.30 часот“, појаснуваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во Алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на Алијансата која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер, Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли во рамки на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли, и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05% од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на Алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционираше и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата, двете делегации имаа можност да поразговараат за Самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на Алијансата, како и за актуелните одбранбени планови, имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката која земјите-членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли, беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во Алијансата, имајќи го предвид целокупниот придонес кој досега го има дадено. Алијансата е по обединета и посилна од кога било во нејзината историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласа, односно 0,90 %. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателската кандидатура зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласа, а во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Силјановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
Стевчо има повеќе квадрати во една општина свои отколку гласови
— БУГАРСКИ ПАСОШ🇲🇰 (@NemamBgPasos) April 24, 2024
Стевчо им се заблагодари на сите коишто гласаа за него… поединечно
— Dimano (@dimanovski) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на „Фејсбук“.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.