Македонија
На Клиниката за гинекологија првпат извршен екстраперитонеален царски рез

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје во петокот првпат беше изведен екстраперитонеален царски рез врз трудница, а министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, на одделот пуерпериум при ГАК – Скопје, ги посети родилката и нејзиното новородено, соопштија од Министерството за здравство.
Екстраперитонеалниот царски рез е специфична техника на царски рез, која е позната пред 70 години и во поново време првпат е реафирмирана во Франција. Ваков вид породување со царски рез, освен во Франција, се изведува во Брисел – Белгија, во Загреб – Хрватска, но и во Тунис во Северна Африка, објаснуваат од Здравство.
„На ГАК Скопје на 8 октомври овој вид царски рез беше изведен врз 23-годишна пациентка, која претходно имала три големи хируршки абдоминални операции поради повреди на внатрешни органи. Постоеја индикации нејзиното породување да заврши со царски рез, кој требаше да се направи во интерес на бебето“, велат од Министерството.
„Првпат во Македонија во петокот беше извршено породување со екстраперитонеален царски рез, со што ГАК Скопје стана и прва клиника во регионот каде што се примени оваа невообичаена техника. Среќен сум што по 30-годишно работно искуство на нашата клиника се роди бебе со екстраперитонеален царски рез, нешто за што сме слушале од повозрасните колеги. Пациентките со овој тип на царски рез побрзо и полесно се враќаат во нормален живот, нешто слично како по вагиналното породување. Бенефитот од екстраперитонеалниот царски рез е што родилката само неколку часа по операцијата, може да се движи, да јаде, да пие и да му се посвети на своето новородено. Со оваа техника се намалува и ризикот од внесување интераабдоминални инфекции и намалување на срастенките на внатрешните и на репродуктивните органи, со што се намалува и можноста од постоперативен стерилитет“, изјави доц. д-р Игор Самарџиски, кој го изведе оперативниот зафат во петокот.
Тој како што информираат од Министерството, тој неодамна се вратил од едукативен престој – активен курс во болница во Ница, Франција, каде што учествувал во изведување екстраперитонеални царски резови.
Инаку, според појаснувањата на здравствените работници, техниката за екстраперитонеалниот царски рез е специфична, почнува во ист стил како и клисичниот царски рез, но кон местото на сечењето на матката и вадењето на плодот се пристапува со посебна техника на странично истуркување на мочниот меур од местото каде што треба да се направи екстараперитонеалниот царски рез. Потоа следува специфично кружно шиење на отворот на матката, што исто така придонесува за намалување на времетраењето на интервенцијата и за подобро зараснување на местото каде што е пресечена матката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.