Македонија
На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип
Кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за македонските фирми да постават батерии на фотонапонските електрани, инсталирани на покривите на индустриските објекти, е поволноста со која европската финансиска институција ќе го поттикнува македонското стопанство да биде енергетски ефикасно.
Пред штипските фирми, во салата на општина Штип, консултантите на Европската Банка, Ловре Ристевски и проф. Даме Димитровски, порачаа дека има потреба ефикасно да се искористува електричната енергија од обновливи извори, наместо во значаен дел таа да се губи.
На претставувањето во Штип, бизнисменот Кочо Анѓушев, сопственик на енергетската компанија ФРОИНВЕСТ, говореше за батериските системи како единствено решение во моментот за справување со вишокот електрична енергија произведена од фотоволтаици, кој вишок производителот не може да го потроши, а електричната мрежа не може да го прими.
Анѓушев ги запозна штипските фирми за важноста на тоа дека секој кој инвестира во обновливи извори, без оглед на големината, потребно е да оди на интегрирано и комплетно решение за да има најбрз поврат на инвестицијата, и оптимало работење на електраната и на батеријата.
Поволните кредити на Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе бидат достапни преку македонските банки, по услови пропишани од ЕИБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ откри нерегистрирана кујна и оштетени површини каде што се готви за деца
Агенцијата за храна и ветеринарство при спроведени контроли во 36 училишни кујни утврдила дека една кујна не била регистрирана, а во кујните во четири училишта биле оштетени работните површини. Земените примероци од храна биле во ред, а од земените брисеви само во едно училиште лабораториските тестирања детекирале незадоволителни резултати.
За нерегистрираната кујна изречена е прекршочна санкција и наредено е итно регистрирање.
Издадени се и решенија со мерки за отстранување на недостатоците утврдени во четирите училишни кујни каде биле оштетени работните површини.
– Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна на територијата на цела држава, со акцент контролите во кујните во училиштата и установите каде се згрижуваат граѓани од ранливите категории, каде контролите ќе се спроведуваат континуирано, се наведува во соопштението.
Македонија
Заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка, се вози и со летни гуми
Од Центарот за управување со кризи информираат дека на Единствениот број за итни случаи 112 добиле пријави од заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка.
ЦУК посочуваат дека денеска во 13:05 часот добиле известување од службени лица на Територијалната противпожарна едница од Гостивар за заглавено службено возило меѓу хотелот „Радика“ и Бунец и дека со нив се и околу 20 други возила заглавени од рано утрото. Во моментов се чека поголема машина-фреза од „Македонија пат“ за расчистување на снегот.
– Службените лица бараат интервенција од „Македонија пат“ со механизација за чистење на патот, како и од полицијата да ги застанат возилата за да се избегне дополнителна гужва, пренесуваат од ЦУК.
Од ЦУК соопштуваат дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот добиле пријава и за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
– РЦУК Тетово известува дека контактирале со ПС Попова Шапка, пријавителот и „Македонија пат“. Истите известиле дека блокираните возила на Попова Шапка не се како резултат на неисчистени коловози туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на Попова Шапка. Патот е прооден, моментално две возила го чистат истиот. Проблемите се настанати од луѓето. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола од ПС Попова Шапка е на местото на настанот. Според дежурниот во ПС Попова Шапка во наредниот период може да се јават и други пријавувачи за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето поголем број на луѓе ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони од возила, велат од ЦУК.
Македонија
Бразилки од 26 до 38 години давале сексуални услуги во изнајмени станови во „Џевахир“ во Скопје
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти на МВР вчера уапсила четири лица за посредување при вршење проституција и перење пари. Според досегашните сознанија на МВР, во периодот од декември лани бразилска државјанка, со дозвола за привремен престој во земјава, заедно со двајца македонски државјани и со две неидентификувани лица од Португалија организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил.
Поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела – „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ приведени се Д.Ј.Н.М. (34), М.М. (57) и С.Д. (47), додека четвртоосомничениот Н.М. (23) се товари за за кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Тие, во посочениот период, заради вршење на проституција, во РСМ, прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб-страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина. Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка, го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час. 200 евра еден час, 300 евра два часа, 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР посочуваат дека со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на државава ги уплаќала, во износ од 26.151 евра, кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил.
– Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија. Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и со паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување, што и било исплаќано на првоосомничената, бил придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства, велат од МВР.
Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово извршиле пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица.
-Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, огнено оружје (два пиштоли), одредена сума на девизни и денарски парични средства (2480 евра, 20 фунти, 27.100 денари), разна документација (шест потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички) и друго, информираат од МВР.