Македонија
На Светскиот ден на учителите МОН започнува кампања за истакнување на нивната незаменлива улога во општеството и поголема почит од заедницата
Со старт на кампања за подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука го одбележува 5 Октомври – Светскиот ден на учителите. Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.
Во присуство на 100тина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.
Честитајќи им го празникот празник на сите просветни работници, министерката Јаневска им порача дека се исклучително важни во обликувањето на иднината на нашите деца и на државата и токму затоа институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија.
„Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал“, рече Јаневска.
Посочи дека Владата ќе продолжи посветено да ја поддржува наставничката заедница и да отвора нови можности за нивен, но и за развој и напредок на македонскиот образовен систем.
„Ќе потсетам дека во изминатите 15 месеци, платите на наставниците во училиштата пораснаа за 12%, на универзитетските професори за 14%, овозможивме кариерен напредок во звања советник и ментор и на наставниците и на стручните соработници. Спроведовме бројни обуки за професионална надградба и значително ги подобривме условите за работа со вложени над 67 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура“, потенцираше министерката, додавајќи дека ова се политики кои носат просперитет и подобри времиња за наставниците во Македонија и ќе продолжат да се имплементираат и надградуваат.
Во рамки на првиот настан од кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, кои, како што беше истакнато, претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.
Признанијата ги добија Елеонора Костоска Јованоска – воспитувач во ЈОУДГ „Наша Иднина“ во Прилеп, Фросина Ангелова – педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје, Сузана Ќелешоска – наставник по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа во Струга; Наташа Тодоровска – наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, Маја Митевска Поцева – наставник по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, Павлинка Вељаноска – наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино, Милица Патраклиева – наставник по географија во ОУ„Лазо Трповски“ во Скопје. Аница Б. Златевска – психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска – наставник по информатика во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.
Освен пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои МОН ќе допре до секој ученик, родител и наставник, а сите заедно ќе го вратиме сјајот и достоинството на најважната професија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори, бара ЛДП
По информацијата на Владата дека наредната недела ќе назначи повереници во општините кои поради немање цензус не успеаја да изберат градоначалници, Либерално-демократската партија (ЛДП) ја информира јавноста дека ќе бара да се измени Изборниот законик.
Измените во Изборниот законик кои ќе ги предложи ЛДП се однесуваат на тоа владините повереници да не можат да се кандидираат на повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Овие измени ЛДП ќе ги предложи за да нема никој нефер предност пред останатите кандидати за градоначалници, но и да се намали можноста за евентуални злоупотреби и несовесни работења на поверениците во периодот додека не се одржат повторените избори.
Оваа предлог мерка доаѓа по прифаќањето на предлогот на ЛДП за враќање на референдумското отповикување на градоначалници во Законот за локална самоуправа, кој веќе се наоѓа во Собранието и со кој после 30 години од укинувањето на референдумот, ќе се стави крај на заштитата на неефикасните и нетранспарентни функционери.
Доколку се усвојат и измените на Изборниот законик и се воведе ограничувањето за поверениците да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторните избори во четирите општини кои не обезбедија цензус во првиот круг, ќе се овозможат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од било какви сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија, велат од ЛДП.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.

