Македонија
На СОС телефонот побарана помаш за 111 деца
Семејното насилство, прекршување на правата на децата при бракоразводни постапки и питачењето, односно искористувањето на детскиот труд се најчести форми на прекршување на детските права пријавени на СОС телефонот за деца и млади минатата година.
На СОС телефонот во 2016 година се регистрирани 82 контакти за вкупно 111 деца жртви или потенцијални жртви каде постои сомневање за можно кршење на детските права и за кои е потребна одредена помош.
„Најкарактеристични се податоците за 33 деца кои биле потенцијални жртви на прекршување на правото при бракоразводна постапка. Имаме 21 пријава за деца кои се пожалиле дека се потенцијални жртви на семејно насилство. Во дадениот период имаме 11 дојави за деца кои питачаи и се жртви на експлоатација на нивниот труд“, рече , изјави на денешната прес-конференција директорот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац.
Според него, кршењето на правото на децата при бракоразводна постапка се повторува неколку години наназад и затоа тие ја поддржале иницијативата на неколку родители за одговорно и заедничко родителство по развод, сметајќи дека е многу важно да се даде приоритет и фокус на детето при бракоразводните постапки.
Координаторот на СОС детскиот телефон Ангела Маневска рече дека од вкупно 82 јавувачи, само пет се деца, а останатите 77 се возрасни лица од кои три анонимни и четири правни лица.
„Според возраста на децата чии права се прекршени 46 се на возраст од 6 до 16 години. Од 0 до 5 години има 16 деца, од 14 до 18 има 12 деца, а за 37 деца возраста е непозната. Според етничката припадност од македонска се 54, албанска 3, ромска 7 и непозната за 47 деца. Според нивниот пол машки се 42, женски 37, а непознато е за 32 деца жртви“, рече Маневска.
Има информации за шест деца за кои постои сомнеж за сексуална злоупотреба од страна на близок или познаник на детето, а загрижувачки е тоа што оваа година според податоците на Детската амбасада „Меѓаши“ постои и сомнеж за сексуална злоупотреба од страна на малолетни деца.
Змијанац повика за помош од операторите за хармонизација на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 со европскиот шестцифрен број за помош и поддршка на деца и млади 116 111 и бројот 116 000.
Во текот на 2016 година сервисот за директна помош и материјална поддршка го искористиле 138 граѓани што живеат на работ на сиромаштија и се имаат 475 пати обратено и добиени помош од Детската амбасада Меѓаши.
СОС телефонот за деца и млади функционира 23 години и досега на него се регистрирани вкупно 20.537 повици./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца
Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца, реагира СДСМ на соопштението на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
„’Доколку било кој чинител во општеството има сериозни сомнежи за незаконитости пропусти за работењето на поедини медиуми, тие треба да се адресираат пред надлежните институции и преку законски процедури, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми’, велат од ЗНМ и ССНМ. Да точно е. Но, во демократските земји на ЕУ, каде што постои слободно правосудство. Таму може да се поднесе пријава и да има разрешница, а во Македонија не може да има никаков резултат, затоа што Мицкоски ги има под целосна контрола судството и обвинителството и им дели задачи од собраниската говорница. Мицкоски ги постави сите свои луѓе во судството и обвинителството“, пишува во реакцијата.
Почнувајќи од новиот јавен обвинител кој, како што велат од СДСМ, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Мицкоски, и прво со случаите поврзани со Мијалков и бомбите а потоа и со одземањето на предметите за криминалниот имотот на ВМРО-ОКГ.
„Својот советник Мицкоски го стави за судија во Уставен суд, сопруга на градоначалник на ВМРО назначи за член на Судски совет… Затоа се уште нема одговори од јавниот обвинител за објавените криминалните скандали и тендери: 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма, 74 тендери за омилената фирма на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Во вакви услови, злоупотребата на медиумите од страна на мрежата на Орбан е напад врз демократијата бидејќи медиумите треба да обезбедуваат навремено, точно и објективно информирање на граѓаните и да го штитат јавниот интерес. Но, бидејќи ние не можеме, затоа што Мицкоски го узурпираше правосудството, ќе чекаме ЕУ да покрене процеси и ќе ја чекаме правдата. Би сакале и ЗНМ да реагира кога претседател на политичка партија се споредува со убиец на 300 деца, како и кога секојдневно се води црна кампања со јавен линч“, велат од СДСМ.
Македонија
Утре претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 12 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 22 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време со сончеви периоди во текот на денот. Утре наместа ќе има слаб дожд, а во четврток ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и појава на ретки грмежи.
До петок ќе дува југоисточен ветер кој денес долж Повардарието ќе достигнува брзина над 60 km/h.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен интензитет.
Македонија
Хоџа: Усвоен Планот за управување со јагулата, важен чекор за зачувување на нашето природно наследство
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, соопшти дека на денешната седница на Владата е усвоен Планот за управување со јагулата, документ кој има за цел заштита и обновување на оваа важна врста за екосистемот и регионот.
Според Хоџа, планот предвидува конкретни мерки за мониторинг и долгорочно управување со јагулата, со цел зголемување на нејзиниот број и зачувување на природната рамнотежа.
Тој истакна дека спроведувањето на овој план ќе се реализира во соработка со земјите од регионот и во согласност со регулативите на Европската Унија.
„Ова е важен чекор за зачувување на нашето природно наследство“, напиша Хоџа во својата објава на социјалните мрежи.
Заменик-министерот додаде дека за него, како жител на Струга, оваа одлука има посебно значење, бидејќи Црн Дрим и Охридското Езеро се дел од секојдневниот живот на граѓаните, додека јагулата се смета за дел од локалниот идентитет.
Надлежните очекуваат дека преку овој план ќе се подобри управувањето со оваа врста и ќе се обезбеди нејзина заштита за идните генерации.
