Македонија
Недостасуваат 204 судии, Филков најави кадровско зајакнување во 2026 година
Во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, министерот за правда Игор Филков нагласи дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.
Надзорот спроведен од Министерството за правда покажа алармантни податоци: пополнетост на судиски места од 67% (432 од 636), судска служба со само 36% пополнетост, што директно влијае врз ефикасноста и должината на судските постапки.
Токму овие констатации, како што истакна Филков, се основа за преземање конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
„Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите”, рече Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)
Македонија
ДИК–ИФЕС: фокусирана соработка за клучните стратешки приоритети на Комисијата
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работен состанок со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на кој беше потврдена подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во рамки на програмата „Поддршка на изборите во Северна Македонија“.
Од страна на директорката на Канцеларијата во Република Северна Македонија, Јоана Косма, беше истакнато дека соработката со ДИК преку проектот на Владата на Швајцарија, „Програма за поддршка на изборите во Северна Македонија“, досега резултирала со конкретни и мерливи постигнувања, особено во делот на развојот на ИТ-решенија, јакнењето на институционалните капацитети, унапредувањето на изборните процеси и зголемена доверба на граѓаните во истите.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, нагласи дека во текот на неговиот мандат приоритет ќе бидат зајакнувањето на кредибилитетот и видливоста на Комисијата, како и нејзината отвореност кон граѓаните. Во таа насока, тој рече дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи со реформските процеси со јасно дефиниран фокус на клучните стратешки приоритети, меѓу кои потенцирана беше потребата од ставање во функција на Центарот за континуирана обука на ДИК. Маричиќ укажа дека Центарот за обуки веќе има воспоставена законска основа и дека во следниот период, во соработка со ИФЕС, ќе се вложат напори за негово целосно оперативно функционирање, вклучително и обезбедување соодветен кадар.
Во рамки на дискусијата, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, се осврна на значењето на човечките ресурси и континуираната едукација како клучен елемент за одржливост на реформите. На состанокот членовите на Комисијата, кои и во претходниот состав учествувале во работата на ДИК, ги посочи ја досегашните искуства од соработката со ИФЕС, нагласувајќи ја важноста од надградување на постигнатите резултати и обезбедување континуитет во реформските процеси.
На состанокот беше заеднички констатирано дека партнерството меѓу ДИК и ИФЕС останува стратешко и во наредниот период, со цел унапредување на изборните процеси и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот систем.

